Реклама

(ВИДЕО) Забранети се организирани фотографирања на матуранти

Ace Kocevski 22.05.2020

Директорите на училиштата кои нема да ги почитуваат мерките и ќе организираат фотографирање на полуматурантите и матурантите во овој период на пандемија, ќе бидат санкционирани. Општина Велес испратила насоки до училиштата дека тоа во овој период не смее да се прави. Градоначалникот Аце Коцевски ги повика сите кои сега завршуваат основно и средно образование, да се стрпат и кога ќе се создадат услови, да се направат фотографиите за училишните таблоа.

„Ние од Општина Велес не измисливме ништо, туку добивме препораки од Министерството за образование и наука дека заради вкупната здравствена состојба и заради потенцијалната опасност, сегашните полуматуранти и матуранти, при одење во фото-студијата, каде што треба да се фотографираат, затоа што треба да се пресоблекуваат, да облекуваат иста униформа, кошула и сакὸ и слично, дека не треба да се дозволи во овој период да се фотографираат за таблоа. Тоа не значи дека тие нема да имаат табло, туку треба да се стрпат, да се создадат соодветни услови, кога ќе спласне епидемијата, некаде можеби јули, август или септември и тогаш да се направи. Дури добивме препораки за некои општини, каде што веќе се фотографирале за таблоа, да не ги изложуваат во јавност, затоа што на јавноста не можете да и објасните дека фотографирањето се случило порано, пред пандемијата“, рече Коцевски.

Agria

Одложени се и матурските прослави. Според Коцевски, тие не се забранети, туку ќе се организираат тогаш, кога институциите, пред се Комисијата за заразни болести, ќе даде согласност да се прават. Дел од фото-студија од градот преку социјалните мрежи ги повикуваат полуматурантите и матурантите да се фотографираат кај нив. Коцевски вели дека и тоа не е во ред.

„Тоа може да го загрози здравјето на полуматурантите и матурантите и затоа користам прилика да им кажам дека тоа не треба да го прават, за нивно добро и за доброто на нивните најмили, најблиски и за јавното здравје“, рече градоначалникот Коцевски.

Поради состојбата со коронавирусот, угостителските објекти сеуште се затворени, па полуматурантите и матурантите оваа година ќе имаат одложено славје на крајот на нивното школување.