Десетгодишниот Андреј Илиев од Велес вчера бил каснат од улично куче на пат кон своето училиште во близина на касарната Алексо Демниевски Бауман. Неговиот татко, Стевче Илиев, ја сподели случката на социјалните мрежи, повикувајќи на одговорност и мерки за поголема безбедност околу училиштата.
Инцидентот се случил околу 12 часот, кога Стевче Илиев го испратил својот син Андреј на училиште кој вил втора смена. Само петнаесет минути подоцна, добил повик од детето дека било каснато на мускулот од ногата од улично куче.
„Благодарение на случаен минувач што се придружи во помошта и брзата интервенција од брза помош, заразно и хируршко одделение, раната е добро зголемена, но стравот останува“, напиша Илиев.

Тој додава дека неговиот син е вознемирен, се плаши да оди сам и тешко ја прифаќа случката. „Сè уште не може да верува дека нешто такво нему му се случи“, истакна таткото.
„До кога ќе живееме со страв за безбедноста за нашите деца? До кога Општина Велес ќе гледа на оваа појава како ‘нормална’? БАРАМ РЕАКЦИЈА, ОДГОВОРНОСТ И РЕШЕНИЕ.
Денес беше моето дете — утре може да биде и вашето. Да направиме нешто пред да биде предоцна“, пишува загрижениот родител.

По вчерашната случка, загрижени родители утринава испратија фотографија до редакцијата на батали.нет, на која се гледа големо куче како лежи пред главниот влез на ОУ „Блаже Конески“ во Велес. Тие велат дека кучињата се мирни, но додаваат дека сепак е потребно да бидат на безбедно место, за да се избегне можноста за некој немил настан, особено кога голем број деца секое утро минуваат покрај тоа место.

















