На 1 ноември 2025 година, околу 11:10 часот, на регионалниот пат Велес – езеро Младост се случила сообраќајна незгода во која учествувале патничко возило и велосипед управуван од 74-годишниот Д.Т. од Велес.
Според информациите од СВР Велес, по ударот возачот на возилото не застанал да му помогне на повредениот велосипедист, туку го напуштил местото на настанот. Од ударот Д.Т. се здобил со телесни повреди, поради што бил пренесен во Општата болница во Велес, каде што му била укажана соодветна лекарска помош.
За несреќата бил известен јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес, која ги документирала сите траги и материјални докази поврзани со случајот.
Од полицијата информираат дека се преземаат интензивни мерки и активности за идентификување и пронаоѓање на возачот и возилото што го напуштиле местото на несреќата, како и за целосно расчистување на околностите под кои се случил инцидентот.



















