Под слоганот „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“, вчера во Велес свечено беше отворено 62. издание на манифестацијата Рацинови средби, културен настан кој со децении ја негува македонската книжевна традиција и го слави делото на Кочо Рацин.
Во рамки на свеченото отворање, годинешното Рациново признание ѝ беше доделено на писателката Оливера Ќорвезироска а делото “Три Марии” во издание на Арс Либрис од Скопје, како признание за нејзиниот особен придонес во современата македонска книжевност и критичка мисла. Со ова, Ќорвезироска се приклучува на редот на добитници кои го продолжуваат духот на Рацин преку ангажирана и слободољубива мисла.
Настанот го отвори градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, по што следеше настап на детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“. Централниот дел од вечерта го одбележа беседата на проф. д-р Венко Андоновски, посветена на значењето и актуелноста на делото на Кочо Рацин.
Свеченоста беше заокружена со музичко-поетска вечер, во која настапија Марко Виденовиќ и трио „Мевлем“, збогатувајќи ја атмосферата во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и заокружувајќи уште едно значајно издание на оваа престижна културна манифестација.