понеделник, 23 ноември, 2020
Реклама

Кочо Анѓушев: Сега е време за храбри одлуки и инвестиции

koco angjusev

Компанијата Брако од Велес е 35-ти најголем извозник во С.Македонија со извоз од околу 19,5 милиониевра во изминатата 2019 година. Благодарение на инвестициите и доброто менаџирање велешки Брако во изминатите дваесетина години успеа да прерасне во фирма со широк асортиман на готови производи со висок степен на додадена вредност, меѓу кои се различен медицински мебел и возила за чистење, а годинава да го произведе и првиот камион за чистење кој работи на хидроген. Претседателот на Брако Анѓушев во интервју за специјалната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ зборува за тоа како пандемијата на корона вирусот се одрази врз работењето, рецептот за извозниот успех на Брако и идните планови за развој.

Пишува: Биљана Здравковска Стојчевска

Пандемијата со корона вирусот предизвика пад на побарувачката и на извозот во многу индустрии. Очигледно, новата реалност ќе бара и поинаков пристап за рестартирање на економијата. Каква е стратегијата на Брако?

Анѓушев: Сега е време кога треба да се носат храбри одлуки. Што значат храбри одлуки? Брако и покрај намалената побарувачка, одлучи во април и во мај да работи за залиха, бидејќи нарачките практично ги снема, а Брако е 95% извозно ориентирана компанија. Дел од нарачките се намалија заради тоа што повеќето фирми во Европа затворија заради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот. Брако има и една програма која е наменета за аеродромите, поточно за компанијата SPS International од Холандија, која престана со работа, заради тоа што и аеродромите беа целосно затворени. Се намали продажбата и на возилата, заради тоа што едноставно беа прекинати сите економски активности и на централно и на локално ниво. Но, во Брако одлучивме дека ќе работиме за залиха. Тоа во пракса значи свесна одлука да ги задржите трошоците без да имате никакви приходи од продажба. Брако мораше да го зголеми оперативниот капитал за над 7 милиони евра. Моравме да го зголемиме оперативниот капитал на компанијата не само заради тоа што се работеше без да има приходи, туку и заради тоа што кога купците полека почнаа да се враќаат, нивната ликвидност е намалена и повеќето од нив бараат пролонгирано плаќање. За некои нарачки за кои порано рокот на плаќање бил 15 или 30 дена, сега се бара рок на плаќање од 60 или 90 дена. Во такви услови компанијата треба да има добра финансиска кондиција за да може да го издржи тој период.

Во развиените држави, во кои извозот има значајна системска поддршка, таквите компании имаат на располагање извозно  финансирање. Колку извозните компании можат да сметаат на таква поддршка?

Анѓушев: Да, во развиените држави во вакви ситуации извозните компании можат да користат извозно финансирање. Тоа во пракса значи некоја извозно ориентирана банка или институција за поддрпка на извозот, како што е на пример СИД во Словенија, ги финансира клиентите на домашната извозна компанија за да ја купат опремата која ја произведува компанијата. На тој начин се стимулира извозот на компаниите. Ние, за жал, немаме таква институција. Тоа треба да го прави државната Развојна банка, но оваа институција нема доволно капитал, ниту капацитет за да ја игра оваа улога на вистински поддржувач на  извозот. Тоа е нешто што е многу потребно за поттикнување на извозот. Но, кога таа поддршка изостанува, на извозните компании им преостанува  со сопствени финансиски резерви или кредити преку комерцијалните банки, да го издржат тој период. За среќа Фероинвест и Брако имаат добра кредитна историја и можат да сметаат на поддршка од банките.

Благодарение на оваа храбра одлука која ја донесе Брако, можам да кажам дека мај го поминавме со 10% подобри резултати отколку во мај ланската 2019 година. Очекувам дека aко не се случат некои поголеми текстонски пореметувања во економијата, очекувам дека Брако и сите компании во групацијата Фероинвест ќе бидат најмалку на нивото од 2019 година. Кога зборувам за споредба со претходната година, мислам од  аспект на прометот. Од аспект на профитот, мислам дека оваа 2020 година малкумина ќе зборуваат за раст на профитот, туку повеќето ќе зборуваат како да не направиме загуба. За мене годинава ќе биде успех ако не се заврши со загуба, да се задржи прометот, да се покријат фиксните трошоци во работењето и да се задржи бројот на вработените на истото ниво како минатата година.

Какви се Вашите проценки за годинава во однос на економското заживување и враќање на нарачките од странство? Ќе ви се исплати оваа одлука да произведувате и работите за залиха?

Анѓушев: Ние одлуката да работиме за залиха во услови на намалена побарувачка ја донесовме уште на почетокот на март. Гледано од денешен аспект, тој ризик веќе се исплати, бидејќи кога побарувачката почна да се враќа, ние бевме подготвени веднаш да испорачаме. Во мај ние веќе сме испорачале, но наплатата ќе ја чекаме во јули или август, заради пролонгираните рокови на плаќање. Ако сме се плашеле да ја донесеме таа одлука, и ако сме го намалеле или прекинале производството во март, немало да имаме ниту што да продадеме, ниту што да наплатиме.

Проценките се дека годинава заради пандемијата ќе има голем пад на трговијата, но и многу позасилен протекционизам, односно заштита и пренасочување повеќе кон домашното производство. Се чувствуваат ли овие притисоци?

Анѓушев: Јас очекувам годинава сите економии ќе се свртат кон дома, кон себеси и дека ќе бидат засилени протекционистичките мерки и заштита на домашното производство. Мислам дека многу често тоа ќе се случува во спротивност на правилата на Светската трговска организација (СТО), бидејќи државите во ваква кризна ситуација нема многу да внимаваат на задоволувањето на правилата на СТО, бидејќи како прв приоритет ќе биде да ја зачуваат економијата. Мислам дека и Северна Македонија можеби треба да размисли повеќе на оваа проблематика. Но, ние како државата и економија имаме една лоша позиција, заради тоа што нашиот пазар е мал и сите индустриски капацитети кои извезуваат зависат од увоз на суровини.

Но, пак, се сведува на тоа дека ако сакаме да имаме успешна индустрија, мора да бидеме извозно ориентирани. Мора да бидеме конкурентни, дури и поконкурентни од другите, и според цена и според квалитет, ако сакама да бидеме успешни во извозот. За да бидеме поконкурентни, пак, мора да имаме поголема продуктивност, за што се неопходни инвестиции во технологија, во знаење и во добар менаџмент кој сето тоа ќе знае да го управува. Тоа е рецепт за успех во извозот и Брако токму тоа го прави.

Покрај тоа што го зголемивме оперативниот капитал за над 7 милиони евра, заради целата оваа ситуација која ја предизвика пандемијата, во моментот отвораме инвестициски циклус од 5 милиони евра. Од овие инвестиции, 3 милиони евра ќе се инвестираат во нова цинкара за производство на поцинкувана жица и уште 2 милиони евра во набавка на дополнителни машини и реконструкација на халите и целосна реорганизација на производниот процес и движење на материјалите со воведување на lean производство, системи за следливост, кои се неопходни за поголема продуктивност и конкурентност. Без инвестиции, секоја компанијата со текот на времето ќе станува понеконкурентна и помалку продуктивна.

Сега во оваа криза особено добива на значење lean пристапот во производството и работењето. За што точно станува збор и како овој пристап може да им помогне на компаниите да бидат поконкурентни?

Анѓушев: Lean пристапот во производството подразбира кратење на сите непотребни трошоци во производниот процес. На пример, почнува од организација на работното место, како работникот на работното место да се чувствува најкомотно, а сите потребни материјали да му бидат лесно достапни. Или наједноставно кажано, ако еден елемент се произведува од десет компоненти, тие компоненти и алатот кој му е потребен да му бидат лесно достапни, а не за да дојде до нив да се движи непотребно и да ги бара низ фабриката, со цел да биде најпродуктивен. Тоа е само еден дел од lean производството. Треба да се направи најсоодветна организација на залихите на материјали, со цел да се намалат ангажираните средства во залихи, да се организира движењето на материјалите низ фабриката…На пример, фабриката на Брако се простира на 120 илјади метри квадратни, а месечно низ неа циркулираат три до четири илјади тони железо. Ако неговото движење не биде соодветно организирано, се создаваат непотребни трошоци, кои ја намалуваат конкурентноста на компанијата.

Процесот на производство мора постојано да се унапредува и да се остранат сите непотребни загуби и трошоци, за продуктивноста да се зголемува.

Секој кој што сака да преживее ќе мора ова да го имплементира. Светот се менува и едноставно не останува простор за импровизација. Во услови на намалена побарувачка ќе може да продаваат само оние кои се најквалитетни и најевтини, односно ќе преживеат само најдобрите.

Владата излезе со пакет мерки за поддршка на најпогодените сектори, преку субвенции за зачувување на работните места и поттикнување на домашната потрошувачка. Но, се чини дека на економијата ќе и требаат малку поинакви мерки во фазата на заживување…

Анѓушев: Поттикнувањето на потрошувачката на домашни производи е добра мерка, но тоа е краткорочна мерка. Долгорочно, има само еден рецепт, а тоа е да се стимулира јавната и приватната потрошувачка. Бидејќи потрошувачката е таа што го полни буџетот. И ќе потенцирам еден многу важен момент, а тоа е дека мора да се стимулираат инвестициите на компаниите и инвестициите во изградбата на инфраструктурата во државата. Ниту една досегашна криза не е пребродена успешно без ова. После Втората светска војна глобалната економија била во уште потешка ситуација отколку сега со корона кризата. Излезот од таа криза беше Маршаловиот план, кој се базираше на поголеми јавни инвестиции и зголемување на потрошувачка. Без овие сгементи, нема развој.

И државата повеќе да инвестира, но и сопствениците на компаниите мора да разберат дека мора да инвестираат за да преживеат во новото време.

При тоа, сакам да потенцирам уште еден момент. Во услови на немање доволно средства во буџетот за поголеми инвестиции, ако државата сега дополнително се задолжи, ризикуваме да влеземе во состојба на презадолженост, заради високите досегашни нивоа на задолженост. Што ни преостанува ако сакаме да почнеме нови проекти? Или државата да се презадолжува или да се дозволи влез на приватни иницијативи и јавно-приватни партнерства. Сметам дека треба да се дозволи приватна инцијатива и приватните компании да бидат тие што ќе се задолжуваат за нови инвестиции, а не државата. Во спротивност, ризикуваме стагнација. Затоа сметам дека државата треба да се отвори за сите форми на јавно-приватно партнерство, кои ќе донесат повисоки инвестиции, по примерот во многу развиени земји.

Пандемијата предизвика голем пад на извозот, особено кај странските компании кои работат во зоните и кои се врзани за автомобилската индустрија, која е најпогодена од кризата, но и во останатиот традиционален извозен сектор.

Анѓушев: Извозот од државата бележи пад, но домашните извозно ориентирани компании имаа многу помал пад во споредба со големите извозно ориентирани капацитети од зоните.

И во оваа криза се покажа дека домашното стопанство е издржливо и жилаво, бидејќи домашните извозни компании мора да се борат самите за да најдат пазари и купувачи и не можат да се потпрат на компанијата мајка. Да бидам објективен и да не бидам погрешно разбран, ќе зборувам повторно преку Брако. Главната централа на Брако е во Велес, но имаме фабрика и надвор од земјава. Во време на криза, јас секогаш ќе се борам да ја зачувам најнапред компанијата мајка, односно централата.

(Интервјуто е објавено во специјалната едиција Топ 100 извозници)

Преземено од izvoz.mk

Можеби ќе ве интересира: