Реклама

(ВИДЕО) Струјата се вклучи, огревни дрва се обезбедија, пристигнува помош за велешанецот Бранко Јовановиќ

Помош за семејството Јовановиќ од Велес почна да стигнува утрово, откако вчера Батали.нет ја објави нивната животна приказна. Хумани луѓе и организации му понудија решавање на дел од проблемите на Бранко. Евангелската црква ги плати сметките, па по неколку месеци мрак, струјата светна во неговиот дом.

„На Бранко веќе му кажавме дека ќе го ставиме на постојаниот список за помош, што значи дека ќе добива пакет храна и хигиенски производи секој месец од нас, додека тоа им е потребно. Благодарение на дарежливоста на црквата, сега ќе отидеме и ќе ги покриеме сите долгови за струја што ги имаат, за тој проблем со студот и со темнината да го решиме уште сега и уште денес“, рече пастор Филип Иванов од Евангелска црква.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

Домот на Јовановиќ го посети и градоначалникот на Велес Марко Колев. Општината ќе му додели еднократна парична помош, а преку Јавното комунално претпријатие „Дервен“, обезбедени се и дрва за огрев.

Содржината продолжува под рекламата

„Дојдовме тука, се запознавме со Бранко, ја кажа неговата судбина. Ние ќе му доделиме еднократна парична помош, онолку колку што можеме. Ќе го следиме случајот во следниот период, со цел луѓето да застанат на здрави нозе“, рече градоначалникот Марко Колев.

Вчера Батали.нет објави сторија за тешкиот живот во немаштија на ова семејство. 63-годишниот Бранко Јовановиќ – бегалец од косовската војна, заедно со својот 8-годишен внук неколку месеци живее без струја и без пензијата од 10.000 денари, оти изврешител му ја блокирал сметката. Денеска се врати насмевката на лицето на Бранко, но солзите тешко се сопираат.

„Се заблагодарувам на сите хуманитарци… Не знам што да кажам… Многу е тешко… Тоа е тоа… Благодарен сум на сите што помагаат, шт осе трудат и на градоначалникот и на пасторот и на сите“, рече Бранко Јовановиќ.

Тим од Центарот за социјални работи утрово го посети ова семејство. Сепак, останува да се реши најголемиот проблем, Бранко да добие свој стан, во кој ќе може да го пречека својот внук во пристојни услови.

Можеби ќе ве интересира: