Реклама

Трговците со пелети ставале маржи до 65 проценти

Трговците на мало со пелети, ставале маржи до 65 проценти. Ова за „Слободен печат“ го изјавија од Министерството за економија, од каде што потекна и предлогот што го усвои Владата за ограничување на маржата до 10 проценти. Маржа се ограничува и за огревното дрво, кое засега речиси и го нема по складовите, а кое достигна цена од дури 4.800 денари за кубен метар.

Годинава, пред зимската сезона, оние што се обидоа да се снабдат на време, открија дека една вреќа со пелети од 15 килограми веќе почна да се продава по 380 денари, за разлика од лани кога можела да се купи по 200 денари.

Agria

Државниот пазарен инспекторат излезе на терен да ги прегледа трговците со пелети. Резултат од направените 131 контрола кај трговците беше утврдени 7 неправилности и изречени глоби од 240 до 860 евра.

Инаку, на предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука за определување на највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата за огревно дрво од даб, огревно дрво од бука и пелети за огрев. Согласно Одлуката највисоката трговска маржа за овие производи за сите трговци се утврдува во висина најмногу до 10 отсто, објави министерот за економија Крешник Бектеши.

Висината на трговска маржа најмногу до 10 проценти за наведените стоки ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа, појасни Бектеши.

Можеби ќе ве интересира: