Реклама

Штипјанецот Панче Наумов со наука го освојува светот

Македонецот Панче Наумов, кој на светската научна јавност е познат по неговите истражувања и пронајдоци во делот на хемијата деновиве во Обединетите Арапски Емирати е награден со специјален статус. Тој за МИА вели дека наградата е „златна виза“ за неговиот придонес кон науката на оваа држава, статус којшто во иднина ќе му овозможи да работи и живее во оваа земја.


Специјалната награда за првпат беше воведена минатата година, а се
доделува на мал број истакнати бизнисмени, истражувачи, доктори,
иноватори и други професионалци, коишто имаат особено важен
придонес за развојот на Обединетите Арапски Емирати.

Agria

“Признанието се доделува од страна на неговото височество Мохамед
бин Рашид Ал Мактум, Вице-Претседател на Обединатите Арапски
Емирати (ОАЕ), Премиер на ОАЕ и владетел на Дубаи. Јас сум еден од
десетината добитници од областа на науката оваа година и единствен
Македонец којшто има ваков статус”, вели Наумов.


Помеѓу другите добитници на оваа награда од други области, како што е спортот, се истакнати меѓународни спортисти како Новак Ѓоковиќ и Кристијано Роналдо.


Панче Наумов е роден во Штип, но со неговата научна работа, тој е
граѓанин на светот, веќе осум години живее и работи во Абу Даби,
главниот град на Обединетите Арапски Емирати, како професор на
Универзитетот „Њу Јорк“. За МИА појаснува дека оваа „златна виза“ е за неговиот придонес кон науката на ОАЕ, а особено за неговите
истражувања во областа на хемијата, науката за материјалите, како и
неговиот придонес кон истражувањата што придонесуваат за подобро
искористување на суровата нафта. Универзитетскиот професот Наумов е еден од нашите најистакнати македонски научници со меѓународно реноме, и еден од само 33-те членови на Академијата на науки на Обединетите Арапски Емирати. Тој е и еден од основачите на оваа Академија за науки.

Со светот завледа невидливиот непријател коронавирус. Пред да почне корона кризата област на научен интерес на доктор Наумов беше науката за материјалите, со посебен акцент на таканаречените паметни материјали. Овие материјали се сметаат за материјали на иднината и имаат примена во паметни електронски уреди, како што се микророботи, персонализирана медицина и меки телекомуникациски уреди. Лабораториите на Наумов работат и на материјали коишто се користат за подобро искористување на суровата нафта, што е од директен интерес на економијата на Обединетите Арапски Емирати и на Средниот Исток, а има големо влијание и на светската економија. Во разговорот за МИА, 45 годишниот Наумов вели дека со оглед на последните случувања со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, дел од лабораториите, со кои раководи од неодамна се преструктуирани за потребите на истражувања на потенцијални термички стабилни вакцини против овој вирус. Поголем дел од вакцините што се развиваат се нестабилни и се распаѓаат на собна температура.

“Дел од нашите истражувања се насочени кон изнаоѓање на методи за
термичка стабилизација на идната вакцина за КОВИД-19. Многу
вакцини, без разлика дали се на база на неактивни вируси или нивни
протеински компоненти, или пак се хемиски соединенија, се ермички
лабилни и мора да се чуваат на ладно од синтезата, до местото на
употреба. Таков е случајот со вакцините за полио, тифус, маларија, а
меѓу другите и неколку од кандидатите кои моментално се тестираат за превенција или третман на КОВИД-19. Пред две години мојот тим
објави труд во научното списание Напредни биосистеми (Advanced
Biosystems), каде што ние, покажавме дека големи честички какошто се вирусите може успешно да се стабилизираат, во релативно евтини
материјали, како носачи. Ваквите вируси, во активна или неактивна
форма би можеле да се користат како вакцина која ќе биде термички
стабилна и нема да има потреба од разладување коешто често
придонесува вакцините да се расипат и да станат неупотребливи,особено на лето или пак при траснпорт во оддалечени
рурални средини”, вели Наумов.
Научниот тим со кој раководи Наумов истражувањата и резултатите што ги добиле се направени на растителни вируси како модел, и тоа
поточно на вирусите што ги напаѓаат растенијата на тутунот. Посочува дека поради тоа што работата со активни човечки вируси бара специјални услови на безбедност, сепак тие веруваат оти ист или
сличен принцип би можел да се искористи и кај човечки вируси.

Викторија Димитрова-Јованова Извор: МИА