недела, 4 декември, 2022
Реклама

Најголемата судница во земјава се гради во затворот „Идризово“

sudnica idrizovo1

Најголемата судница во земјата, која има капацитет за 120 луѓе и површина од 1000 метри квадратни е изградена во состав на затворскиот комплекс „Идризово“. Во неа ќе им се суди на притворени, како и на осудени лица за тешки кривични дела, против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен.

Со тоа, значително ќе се намали ризикот од бегства на притворени и осудени лица за време на транспорт до судовите. Дополнително, со користењето на оваа судница, ќе биде заштедена значителна сума пари за транспорт на притворени и осудени лица во судовите, а воедно ќе се растерети и затворската служба и полицијата која учествува во спроводите на овие лица.

Agria
sudnica idrizovo2

„Причината за лоцирањето на оваа судница во Затворот „Идризово“ е затоа што во него во моментов се сместени околу 60% од вкупниот број осудени лица, кои се наоѓаат на издржување казна затвор, а во овој затвор ќе биде изграден и најголемиот притворски центар во државата, со што 80% од вкупно притворените лица ќе бидат сместени во овој затвор“, велат од Министерството за правда.

Судницата е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена, кој содржи ќелии за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци, со можност за изобличување на слика и тон, систем за видео конференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Овој комплекс располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите.

Оваа судница е изградена по теркот на судниците во државите со големо искуство во справувањето со организираниот криминал. Финансирана е од Европската унија, во рамки на ИПА Акциската програма “Поддршка на Секторот Правда“, а договорот за изградба на судницата во затворот „Идризово“ е во вредност од еден милион, двесте педесет и седум илјади евра. Наскоро се очекува и опремување на судницата со мебел по што ќе следи и нејзиното официјално отворање и пуштање во употреба.