Реклама

ОФИЦИЈАЛНО: Македонскиот фудбал продолжува, ќе се игра цело лето и без испаѓање!

FK Borec

Комисијата за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија на денешниот состанок донесе предлог одлуки за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/20 од ПМФЛ, која беше прекината во март поради епидемијата ковид-19.

По двата состаноци во „Ќука на фудбалот“ со претставници на клубовите од ПМФЛ и имајќи ја в предвид епидемиолошката ситуација во државата, одобрувањето за продолжување на натпреварувањето, Комисјата за натпреварување го донесе по препорака и на Институтот за јавно здравје, чии претставници го потврдија здравствениот протокол за враќање на фудбалските, екипи од ПМФЛ на тренинзите и натпреварите со целосна одговорност, враќањето на теренитe да биде максимално сигурно за сите учесници.

Agria

Како резултат на неизвесноста која во македонскиот фудбал ја донесе здравствената криза предизвикана од пандемијата ковид-19, во изминатиот период Фудбалската федерација на Македонија имаше цел да направи сѐ што може успешно да се заврши натпреварувањето во ПМФЛ, пред сѐ од спортски причини, но и затоа што на овој начин праќаме порака со охрабрување до фудбалското семејство – враќањето на фудбалот сигурно е одличен знак дека продолжуваме со секојдневните задачи и обврски, но исто така праќаме силна порака и до УЕФА дека сме успеале да ја избегнеме „црната фудбалска зона“ во која влегоа само неколку држави кои решија да ја прекинат фудбалската сезона, а речиси сите држави од нашиот регион според своите услови ги продолжуваат националните првенства.

Натпреварувачката комисија во ФФМ, заедно со раководството на федерацијата, одговорно и транспарентно, почитувајќи ги препораките на претставниците на клубовите предложи три можни сценарија за завршување на сезоната и донесе одлука првенството да се доигра во скратен систем, односно по предлогот кој беше најприфатлив за повеќето од клубовите во ПМФЛ.

  • Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања

Комисијата за натпреварување во ФФМ ќе предложи продолжување на првенството во термин од 14 до 21 јуни, а за предложените датуми ќе се информираат и во координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус ковид-19.

Сите натпревари ќе се играат без присуство на гледачи на стадионите, а ќе биде ограничен и бројот на присутни лица кои ќе бидат дел од организацијата на натпреварите. Исто така, фудбалерите, стручните штабови и сите други лица вклучени во тимовите, како и официјалните лица на натпреварите се обврзани да го почитуваат здравствениот протокол за одигрување на натпревари.

Екипите од ВМФЛ нема да го продолжат натпреварувањето од сезоната 2019/20, а Комисијата за натпреварување препорачува истото да го следат и тимовите од Третата лига, како и останатите пониски лиги.

Извор: gol.mk