Реклама

Александар Наумов, Брако: Успеваме да одржиме континуитет во производството и да го зачуваме секое работно место и покрај сите предизвици

Aleksandar Naumov Brako 1

Пишува: Биљана Здравковска Стојчевска

ИНТЕРВЈУ

Александар Наумов, директор на челични конструкции во “Брако”

Компанијата Брако од Велес, која е една од најголемите извозни компании во земјава, се соочи со големи предизвици во организација на производството, откако пандемијата на Ковид 19 предизвика голем пад во трговијата, затворање на границите и големи транспортно-логистички проблеми во набавка на суровини. Младиот инженер Александар Наумов, кој управува со еден од најважните сегменти во Брако зборува за стратегијата на компанијата за успешно надминување на кризата, како и за мотивите да не замине надвор и да се вгради во развојот на македонската индустрија.

-Пандемијата со Ковид 19 предизвика сериозни проблеми врз работењето на многу индустрии и бизниси. Со какви се проблеми и предизвици во набавка на суровини, транспорт… се соочи Брако во производството и извозот?

Наумов: Сведоци сме дека пандемијата со Ковид 19 направи тектонски поместувања на светската економија и сериозни нарушувања на бизнисите во целиот свет. Речиси нема производен сектор кој остана без негативен импакт од оваа ситуација.

Со самиот факт дека БРАКО е над 95% извозно ориентирана компанија чии производи се присутни на европскиот, но и на светскиот пазар, а од друга страна и фактот дека суровините и репроматеријалите кои се потребни за нашето производство ги набавуваме во голем дел од увоз,  негативните последици од појавата на пандемијата беа неизбежни.

Во делот на извозот, се соочивме со намалување, но и откажување на нарачките од некои клиенти, одложување на испораките по барање на клиентите, како и барање за одложени рокови на испорака, што со други зборови значи намален приход.

Соочени со предизвикот како да продолжиме понатаму, менаџментот на компанијата, предводен од проф. Кочо Анѓушев донесе одлука да продолжиме со производство, со цел да одржиме континуитет во работењето и да произведуваме за залиха.

Но, за реализација на овој план и обезбедување на континуитет во производството беше потребно да се обезбедат потребните суровини и репорматеријали за производство каде, пак, наидовме на дополнителни проблеми. Од една страна, заради затворањето на границите и наметнувањето на разни безбедносни мерки и протоколи во земјите од каде набавуваме суровини, самиот процес на набавка и транспорт на суровините се одвиваше драстично отежнато. Транспортните компании работеа со намален капацитет, а голем дел од добавувачите ги намалија или ги затворија капацитетите. Во многу наврати бевме приморани да бараме алтернативни решенија кои често резултираа со повисока цена на набавените суровини и репроматеријали.

Од друга страна, пак, набавката на суровини во услови на нарушена ликвидност заради намалени приходи, но и навремената исплата на плати на вработените, доведе до потреба и од поголемо ангажирање на кредитни финансиски средства.

Сепак, и во вакви услови на работа и покрај сите проблеми со кои се соочивме, оваа стратегија се покажа како правилна и компанијата го задржа континуитетот на производство, го задржа бројот на вработени и навремено и во целост ги исплаќа платите на вработените.

-Пандемијата наметна сосема поинакви протоколи за работа. Какви промени беа потребни за да се организира производството во фабриката?

Наумов: Уште со појавата на првите случаи на инфекции со Ковид19, бевме свесни дека мораме да превземеме соодветни мерки за да го заштитиме здравјето на сите вработени во компанијата. И пред да се донесат првичните мерки за заштита од страна на Владата, компанијата веднаш воведе мерки за заштита кои до ден денес се спроведуваат и почитуваат. Уште пред да се затворат границите, сите службени патувања, како и посети од странски гости беа откажани, а сите состаноци се одржаа и се уште се одржуваат on-line. Се воведоа соодветни протоколи за влез на лица кои не се вработени во компанијата и протоколи за примопредавање на документи со надворешни лица.

Сите овие мерки на заштита, дополнително го отежнуваат работењето на компанијата, бидејќи од една страна тоа предизвикува турбуленции во планирањето на производството, а од друга страна претставува дополнително финансиско оптоварување на компанијата.

Во услови на здравствената криза, функционирањето на компанијата и зачувувањето на секое работно место е предизвикувачки и немаме друга опција освен што мораме да се прилагодиме и да наоѓаме креативни и иновативни начини на работење.

-Неодамна Брако успеа за рекордно време да ја изгради монтажната фабрика за Ковид 19. Она што остави впечаток е брзината со која како компанија одговори на овој предизвик, нешто што сме навикнати да го слушаме за поразвиените држави….Што беше клучно за да одговорите на овој предизвик на тоа ниво?

Наумов: Да се одговори на овој предизвик клучно е да се има голема мотивација и соодветни производни капацитети. Мотивацијата произлезе од две причини. Прво, како компанија бевме свесни за стратешкото значење на оваа монтажна болница во справувањето со Ковид 19 пандемијата и за јавното здравје и дека секој ден е значаен за заштитата на здравјето на луѓето во оваа ситуација.

Од друга страна, пак, сакавме да покажеме и докажеме дека и во земјава има компании кои можат да покажат флексибилност кога станува збор за стратешки проекти од јавен интерес и дека можат професионално да одговорат на сериозни предизвици за така кратко време, како што е случај во високо развиените земји.

За брзата реализација на овој проект, беше неизбежно да се направи детална разработка на  технологијата на производство на овој тип на производ, детално планирање на етапите на производниот процес, максимално искористување на производната опрема со која располага комапнијата и максимално ангажирање на целиот тим кој беше вклучен во овој проект.

Би сакал во оваа прилика да се заблагодарам на сите кои беа инволвирани во овој проект, инженерски и менаџерски тим и професионалните работници во производство за максималното и несебично залагање во брзата реализација на овој проект.

Морам да додадам  дека, со оглед на тоа што оваа монтажна болница е проект од стратешко значење за јавното здравје и истата е донација на Швајцарската влада, менаџментот на БРАКО донесе одлука да се откаже од својата заработувачка од овој проект.

Aleksandar Naumov Brako 2

-Можеби ова немаше да биде можно ако во производството не користите напредни технологии… Како инженер можете ли направите споредба за нивото на технолошката опременост во Брако, останатите компании во овој сектор и состојбата во поразвиените држави. Новите трендови на дигитализација се чини не оставаат проостор да се бира дали се да инвестира во нова опрема и технологија, посебно за компаниите кои сакаат да извезуваат и да се натпреваруваат на странските пазари?

Наумов: Се разбира, реализација на овој вид на проект за така рекордно време е невозможно без примена на најсовремена и високо софистицирана производна опрема, со каква што располага БРАКО.

Во моето работење сум посетил многу металопреработувачки компании во земјава, регионот и светот. Можам со гордост да кажам дека БРАКО располага со најсовремена производна опрема во сите сегменти на производниот процес, иста онаква со каква што располагаат металопреработувачките компании во развиените земји.

Со оглед на тоа дека БРАКО е извозно ориентирана компанија, наша конкуренција е буквално целиот свет. Инвестирањето во современа и високопродуктивна производна опрема и имплементација на флексибилна автоматизација на производните процеси е неизбежен и  клучен елемент доколку сакаме да бидеме конкурентни на пазарите и да растеме и да се развиваме како компанија. Едноставно нема компромис.

За среќа, БРАКО одамна ги има увидено овие трендови и во годините наназад има направено сериозни инвестиции во овој дел. Како инженер за производно машинство, на мое големо задоволство, имам прилика да бидам целосно инволвиран во овој технолошки развој на компанијата, односно во воведувањето и имплементацијата на CAD/CAM системите и компјутерски управуваните (CNC) машини во нашата компанија.

Целокупниот производен процес, како конфекционирање на материјали, нивна обработка со деформација или машинска обработка, заварување, површинска заштита и т.н, целосно е покриен со високопродуктивна и компјутерски управувана технологија.

Денес, во БРАКО може да се видат голем број на CNC управувани машини за ласерско и плазмено сечење на лимови и цевки, роботи за заварување, металорезачки машини, автоматски линии за заварување  и тоа од познати светски производители како Mitsubishi, AMADA, Hypertherm, SHW, Goodway, Panasonic и многу други.

-Кои се идните планови и нови проекти може да се очекуваат од Брако во делот кој вие го управувате?

Наумов: Во делот на метални конструкции со кој раководам, постојат повеќе производни програми главно за странски клиенти. Како такви ќе ги споменеме, опремата за виљушкари за белгиски клиент, опремата за мали хидро електрани кои ги работиме за домашни и странски клиенти, конструкции и опрема за машини за ласерско сечење за швајцарски и италијански клиенти, опрема за аеродромски транспорт на багаж и контејнери за холандски клиент, телекомуникациски контејнери и контејнерски соби за престој за домашен и регионален пазар и т.н. Со сите овие клиенти, БРАКО има изградено и одржува  долгогодишна соработка која е стекната со професионален пристап во работењето, докажан квалитет и меѓусебна доверба, што е темел за успешен бизнис.

Плановите за во иднина главно се насочени во две насоки и тоа, зголемување на волументот на производство и воведување нови производи со постоечките клиенти од една страна, а од друга страна барање и воспоставување на соработка со нови клиенти чии производи соодветствуваат на нашите производни можности, но и чии производи имаат поголема додадена вредност и има вградено повеќе инженерство.

За зголемување на волументот и воведувањето на нови производи со постоечките клиенти главно зависиме од потенцијалите на клиентите и асортиманот на производи со кои тие располагаат,  а ние сме во можност да ги произведеме за нив. Гледано историски наназад, постепено со најголем дел од клиентите волуменот на производство и асортиманот на производи сме го зголемиле неколкукратно и за среќа се уште има потенцијал за натамошен раст на соработката.

Барањето на нови клиенти, пак, е дел од стратегијата на БРАКО за т.н. дисперзија на ризикот. Што тоа значи?

За да избегнеме ситуација компанијата целосно да зависи од еден или мал број на клиенти, БРАКО стратешки соработува се повеќе клиенти и има неколку производни програми,  со што го распределува ризикот, доколку соработката со некој од клиентите се намали или престане од било кои причини, производните капацитети да се задржат и истите да се пренаменат за останатите проекти за останатите клиенти, а притоа останатите проекти да бидат извори на приход. Со други зборови да се намали влијанието на работењето со еден клиент врз целокупното работење на фирмата.

Во изминатиот период воспоставивме комуникација со неколку компании од западна Европа, за чии производи ја поседуваме целокупната производна опрема, но и потребното знаење и веќе сме во фаза на разгледување на нивните барања и изработка на понуди.

-До пред кризата  особено беше актуелен проблемот со недоволна обучен кадар. Брако е една од фирмите која зема активно учество во дуалното образование. Каква е состојбата со работната сила сега и колку е од корист учеството во проектот за дуално образование?

Наумов: Изминатите години, целокупната индустрија се соочуваше со недостаток од обучен кадар. Особено ова беше воочливо во металопреработувачката индустрија. Можам да кажам дека оваа состојба е речиси непроменета.

Една од стратегиите  за обезбедување на соодветен кадар е интерната обука на лица кои имааат некакви предзнаења до потребните области, но и на лица кои воопшто немаат основни познавања. Притоа истите се обучуваат од страна на искусни работници преку практична работа. Овој начин е макотрпен, трае подолго време, но ние тоа го гледаме како инвестиција, затоа што една фабрика ја прави успешна е визијата менаџментот, која во пракса ја спроведуваат работниците. Сакам да напоменам и дека БРАКО е регистриран како центар за реедукација на лица чие образование не е поврзано со машинството, при што сите кои не успеале да се пронајдат во својата струка, имаат можност да научат еден од занаетите кои кај нас се дефицитарни.

Од друга страна, пак, минатата година Министерството за образование и наука го започна проектот за дуално образование, каде средните стручни училишта во соработка со компаниите го адаптираат наставниот програм и даваат акцент на практичната настава која се изведува во самите компании. Со оглед на тоа дека првата година од овој проект помина и остануваат уште три години за да се затвори првиот циклус, резултатите ќе ги знаеме тогаш. Иако сметам дека првиот импулс ќе го осетиме штом ќе почне реализацијата на практичниот дел во компаниите, а тоа е во текот на следната учебна година. Оптимист сум дека овој проект ќе даде добри резултати, ќе обезбеди квалитетен кадар кој ќе биде столб на индустријата во годините кои следат и ќе ги охрабри младите повеќе да размислуваат за изучување на некој занает или да се остручат во некоја област, отколку да сонуваат за брза и лесна заработувачка некаде по западните земји.

Што се однесува до моменталната состојба, дури и во услови на криза, додека некои компании отпуштаат дел од своите вработени, согласно стратегијата на БРАКО, не само што ниту еден вработен не е отпуштен од работа, туку и речиси цело време има отворени огласи за вработување на различни профили, инженери, бравари, заварувачи, оператори на компјутерски машини.

Aleksandar Naumov Brako 3

-Во време кога голем дел од високо едуцираните инженери одлучуваат да си заминат од земјата, вие одлучивте да останете во Велес и својата кариера да ја градите во Брако. Што беше пресудно за тоа и што е тоа што би можело да ги натера и другите млади инженери да останат и да се ангажираат на градење на македонската индустрија?

Наумов: За жал во денешно време, трендот на одлив на инженерски кадар е сеуште присутен во земјава но и во регион и тоа од разни причини. Познавам многу колеги и пријатели кои одлучиле да заминат од државата, дел успешно, дел помалку успешно, но познавам и многу од нив кои постигнале многу поголем успех во својата држава, каде секогаш си дома, а не странец.

Уште како студент од областа на производно машинство имав голема желба да работам во компанија во која ќе се занимавам непосредно со процес на производство. Знаев точно што сакам да работам и имав своја визија како тоа треба да изгледа. Во периодот по дипломирањето, кратко време работев во една компанија надвор од Велес, но набрзо добив можност за работа во БРАКО. Иако сум од Велес и живеам на само 1км од БРАКО, многу малку знаев за тоа што работи компанијата после нејзиното приватизирање и кои се нејзините цели. Уште на првиот разговор со проф. Анѓушев, препознав визија која многу се совпаѓаше со она што сакав да го работам и со задоволство започнав со работа во БРАКО.  Многу набрзо станав дел од развојот на производните програми, а на мое уште поголемо задоволство, бев и сеуште сум дел од технолошкиот и организацискиот развој на компанијата. Целиот мој труд и макотрпна работа, беше препознаен од менаџерскиот тим на компанијата и поради тоа ми беше овозможено да напредувам до раководна позиција на која сум денес. Кога на сето тоа ќе додадам дека сето ова се случува во мојот роден град, каде ми е семејството и пријателите, сметам дека донесов правилна одлука да останам да работам и создавам во својата татковина.

Тоа укажува дека и во македонската индустрија постојат компании кои овозможуваат развој и напредок на инженерите во својата кариера и дека постојат компании како БРАКО, што трудот и залагањето знаат да го препознаат и да го ценат и се надевам дека ќе биде мотив за младите инженери се повеќе да размислуваат да ја градат својата кариера во својата држава.

Секако, за градење на успешна кариера покрај макотрпна работа, потребна е и безрезервна подршка од семејсвото, поради што им се заблагодарувам на моите родители кои ми го овозможија моето образование и воспитување и на мојата сопруга за разбирањето и поддршката.

Сакам да се заблагодарам и на сопствениците на компанијата за укажаната доверба, но пред се на проф. Анѓушев за целокупното знаење од областа на менаџирање со производна компанија кое несебично и во континуитет ни го пренесува на целиот инженерски и менаџерски тим на компанијата.

Преземено од Извоз.мк

Можеби ќе ве интересира:

Реклами