Европската комисија одлучи на Северна Македонија да и додели 160 милиони евра од пакетот за макрофинансиска помош, МФП, како поддршка на економијата во земјата која е погодена од корона вирусот. Целиот пакетот кој се однесува на 10 земји, е тежок вкупно 3 милијарди евра и е наменет за зајакнување на фискалното управување и транспарентноста, борбата против корупцијата, подобрување на финансискиот сектор и на деловното опкружување и справување со невработеноста кај младите.
„Комисијата договори Меморандуми за разбирање за програми за макрофинансиска помош (МФП) со осум партнери. Договорите се дел од Пакетот за МФП од вкупно 3 милијарди евра за десет земји кои се во процесот на проширување и за земји од соседството, со цел да им се помогне да го ограничат економскиот колапс од пандемијата. Тековната и брза имплементација на овие програми е важен показател на солидарноста на ЕУ во време на криза од претходно невидени размери“, се вели во соопштението испратено од Брисел.
Инаку, Меморандумите за разбирање се веќе договорени со Албанија, Грузија, Јордан, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Украина, а документите се официјално потпишани со четири од нив: Косово, Молдавија, Северна Македонија и Украина. Во тек се преговорите со Босна и Херцеговина и Тунис.
Валдис Домбровскис, извршен потпретседател за економија која базира на социјална праведност и просперитет, изјави: „Како дел од глобалниот одговор на ЕУ на пандемијата со корона вирусот, се трудиме да им помогнеме на нашите соседни земји да го ублажат најлошиот економски удар. Овие „кризни програми за МФП“ ќе бидат дефинирани со конкретни реформски обврски. На тој начин ќе им се помогне на соседните земји да ги покријат потребите од надворешно финансирање во периодот 2020-21 година, во справувањето со економскиот удар од пандемијата.“
Според Паоло Гентилони, Комесар за економија, пандемијата со ковид-19 има невидени економски и социјални удари врз земјите од целиот свет. „Оние кои се во процес на проширување, како и земјите од соседството се сериозно погодени, а ние како Унија имаме финансиска сила да им помогнеме да го ограничат економскиот колапс“, рече тој.
Според договорите, Албанија ќе добие 180 милиони евра за зајакнување на јавните финансии и отпорност на финансискиот сектор, подобрување на владеењето и борбата против корупцијата и унапредување на социјалната заштита, Грузија 150 милиони евра, Јордан 700 милиони евра, Косово 100 милиони евра, Молдавија 100 милиони евра, Црна Гора 60 милиони евра и Украина 1,2 милијарди евра.
Меморандумите се чекор кон првото доделување на средства во рамки на програмите, што е условено со политички предуслови, почитување на демократските принципи, човековите права и владеењето на правото. Земјите-кориснички би требало да се корисници и на програмата за финансиска помош од ММФ.
МФП е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со земјите од соседството и оние кои се во процес на проширување и е наменета како инструмент за реакција во случај на кризи. Одлуката за доделување на оваа помош на десет земји, во контекст на ковид-19 пандемијата беше предложена од Комисијата на 22 април и усвоена од Европскиот парламент и Советот на 25 мај годинава.
Извор: meta.mk
Можеби ќе ве интересира: