За време на мојата предизборна кампања ветив дека ќе го решам проблемот со атомсферските води од високиот дел на градот под Вршник. Таков скап проект е направен, но истиот не може да се реализира бидејќи Општина Велес моментално нема пари, рече градоначалникот Аце Коцевски.
При сите пообилни дождови, водите од високите улици од велешките ридови се слеваат надолу кон пониските улици и кон центарот на градот и ги поплавуваат улиците кои личат на реки.
Надојдените води по улиците ја затнуваат канализацијата, носат песок и камчиња кон ниски улици и кон центарот на градот, со тоа го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот во градот и движењето на пешаците и создаваат вистински хаос во градот, кој потоа мораат рачно и со механизација да го отстрануваат екипите на ЈКП „Дервен“.
„Проектот за атмосферските води под Вршник го нарачавме, скапо го плативме и го имаме, но за да го реализираме, треба многу пари, кои ние во моментов ги немаме. Огромна е вредноста на тој канал што треба да се направи, за да ги собере сите дождовни води од сливното подрачје под Вршник и надолу одат по неколку улици“, појасни Коцевски.
Во недостиг на општински пари, за реализација на проектот Коцевски планира да конкурираат кај меѓународни донатори, пристапните фондови на ЕУ или да добие пари од државата ако на располагање има такви средства.
Тој појасни дека и со реализација на проекот за атмосферската канализација од ридот Вршник нема да го реши целиот проблем со дождовните води во Велес, туку во само еден дел од градот на улиците под Вршник. Во останатите делови од градот и понатаму пак ќе остане проблемот со слевање на дождовните води како реки по секој дожд по велешките улици.
„Проблемот целосно е многу тешко да се реши и едноставно е невозможно да се реши“, појасни градоначалникот Коцевски.
Според Коцевски, нерешениот проблем со атмосферската канализација на Велес е многу сериозен и тешко и невозможно да се реши, бидејќи Велес има таква конфигурација на теренот во градот каде сите води од високите ридести делови на градот при дождови посебно при обилни се слеваат кон ниските улици и централното градско подрачје.
„Тоа не треба да ве чуди бидејќи поплави се случуваат и во многу поразвиени држави и во големи и богати градови во цел свет и кај најбогатите држави, бидејќи атмосферската канализиции не се димензионираат на илјадагодишни води туку на многу помали води. Секој градоначалник или кандидат за градоначалник кој ќе ви изјави дека проблемот може многу лесно и брзо да го реши во еден мандат ќе ве излаже“, потенцира Коцевски.
Можеби ќе ве интересира: