Наместо со младоженецот, велешанка по грешка ја венчале со сведокот

vencavka potpisi

Една анегдота се врти низ велешката чаршија, за која немаме потврда дали навистина се случила, но секако, дури и како анегдота, е одлична за почеток на следната анализа за коронакризата, наталитетот и бројот на бракови и разводи.

Zito akcija 640x289px

Имено, пред извесно време, на некоја регистрација во матично, се венчале момче и невеста, која била во веќе поодмината бременост. Сè поминало во најдобар ред, сите мерки за заштита од коронавирусот се почитувале, младите среќни дека почнале ново поглавје во нивните животи, се родило и бебето. И тука почнале проблемите. Во моментот кога требало да го запишат во матичната книга на родени, им кажале дека бебето им е вонбрачно, односно родено во врска која не била крунисана со брак. Како, кога младите пред извесно време, најлегално се венчале? Но, дилемата била брзо разрешена, кога забележале дека во изводот ов венчаните, невестата била венчана – со сведокот. Грешката се случила кога бракот бил заведен во книгите на венчани. Во графата „сопруг“, наместо младоженецот, по грешка било запишано името на сведокот.

Agria

Веројатно, се било брзо исправено и животот продолжил нормално. Но, таква среќа (или незгода) немаа прилика годинава да доживеат многу парови, кои планираа озаконување на својата врска во брак. Драматично е намален бројот на склучени бракови во земјава откако почна епидемијата со коронавирус. Според Државниот завод за статистика, само 1.147 бракови се склучиле во месеците април, мај и јуни годинава. Споредбено со истиот период лани, кога својата љубов ја официјализирале во брак 3422 пара, во земјава има намалување од дури 67 проценти.

tabela brakovi
Извор: Државен завод за статистика

Забраната за организирање свечености во време на пандемија е една од главните причини за ова. Но, проблемот има и социолошка страна, вели социологот Татјана Стојановска Иванова. За неа ова не е изненадување, туку очекувана појава, која е присутна речиси во целиот свет. Според Иванова, грижата за сопственото здравје е на прво место при одлуката дали да се прави свадба, но голем фактор е и традицијата на правење големи свечености по повод склучување брак. Затоа, младите најчесто се одлучуваат да ги одложат своите свадби.

„Клучните фактори за намалување на бројот на бракови се грижата за сопственото здравје и традицијата. Велат дека споделената радост е поголема радост. Луѓето кај нас имаат потреба, тој почеток на заедничкото живеење, почетокот на еден нов живот на двајца партнери да се направи во рамките на поширокото семејство. Најголем процент од тие што ги одложиле веќе закажаните свадбени прослави, веќе ги имаат презакажано за следната година“, вели Иванова.

Но, не само бракови, во земјава паралелно е намален и бројот на разводи. Процентот е речиси ист како и кај свадбите. Ако лани во месеците април, мај и јуни 515 бракови се поништиле, во истите месеци годинава само 181 пар се одлучиле да го прекинат бракот. Ова бројка не е контрадикторна, ако во нејзин контекст се стават и други фактори, вели социологот Иванова. Според истражувањето кое таа и нејзиниот тим го направиле, во периодот на пандемија зголемен е бројот на семејното насилство. И покрај тоа, стравот од неизвесноста, пред се економската, е клучна причина зошто паровите не се одлучуваат за развод.

Tatjana Stojanovska Ivanova
проф. др. Татјана Стојановска Иванова

„Стравот од непознатото, од тоа што би се случило за време на пандемија, прави едниот брачен другар, кој што е жртва на семејно насилство, да не се одлучи да го раскине својот брак, односно да го заврши со развод. Од друга страна, економската независност на еден од брачните партнери, кога во време на пандемија постои глобална неизвесност, исто така е голема причина зашто другиот партнер не се осмелува да го заврши бркот. Истовремено, се појавува зголемување на степенот на толеранција на карактерот на партнерот кај еден од брачните другари, но и немање храброст во време на пандемија да се преземе радикален чекор. Значи, клучните фактор тука се силните емоции, како емоција на страв, емоција на стрес од болеста и емоцијата на страв од непознато“, вели Иванова.

Откако пандемијата ќе заврши, реално е да се очекува дека бројот на склучување бракови нагло ќе се зголеми. Но, според Иванова, историјата покажала дека после секоја голема криза, рапидно се зголемуваат и разводите, како резултат на порастот на семејното насилство за време на кризата, но и на порастот на самодовербата кај луѓето.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: