Вечерва пред полноќ Собранието ја избра новата влада. Со 62 гласа ЗА и 51 против пратениците го изгласаа новиот владин кабинет предложен од мандатарот Зоран Заев. Претходно на гласањето му претходеше дводневна расправа на која опозицијата со низа дебати се обидувше да објасни зошто нема да и даде подршка на владата предложена од Заев. Веднаш кога собранието ја изгласа новата влада, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската сала.
Во завршното обраќање пред пратениците Заев рече дека државата, која сега е членка на НАТО и има одлука за преговори со ЕУ, со посветеност и заедничка работа ќе има институции со кои ќе се гордеат сите. Најави целосна посветеност на економијата, јакнење на економскиот стандард, перспективи за младите во приватниот сектор, привлекување што е можно повеќе странски инвестиции.
„Претстои стабилен политички период, одлучна и бескомпромисна борба против сивата економијата, криминалот и корупцијата, ефикасен транспарентен и одговорен правен систем“ рече Заев, и ја повика опозицијата на соработка.
Новиот владин кабинет на Заев го сочинуваат 19 министри, седум помалку од претходната Влада.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина и Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација, Аријанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Горан Милевски министер за локална самоуправа.
Можеби ќе ве интересира: