Владата нуди комбиниран модел за старт на учебната година и секаде кадешто се исполнети условите од протоколите коишто веќе се усвоени, наставата ќе може да започне со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата, посочи министерката за образование и наука Мила Царовска по двата одделни состанока со претставници на Сојузот на средношколци кои бараат комбинирана настава, но и со Иницијативата на родителите коишто бараат отворање на училиштата.
Царовска, посочи дека сепак во објектите кои не се во можност да ги исполнат протоколите, учебната година ќе стартува онлајн за што забрзано се работи на подготовка на единствена национална онлајн платформа. Во овие училишта, настава со физичко присуство ќе посетуваат само децата од прво до трето одделение, но и за нив е дадено правото на избор, за што родителите ќе треба да се изјаснат со писмена изјава.
На состанокот, средношколците побараа да бидат вклучени како рамноправен партнер во сите политики коишто се однесуваат на младите и учениците. На средбата беше донесен заеднички заклучок дека продолжува соработката и дијалогот меѓу средношколците, наставниците, родителите, Министерството за образование и наука и другите институции, со цел да се најде најдоброто решение за наставата и образовните процеси во услови кога земјата се соочува со пандемија.
Можеби ќе ве интересира: