Невистинити се тврдењата на некои родители на ученици дека во основното училиште „Блаже Конески“ нема греење, реагира денеска градонасчалникот на Велес Аце Коцевски, откако вчера, на оваа тема велешкиот огранок на ВМРО ДПМНЕ го прозва и него и директорот на училиштето.
„Одговорно тврдиме дека уште од почетокот на грејната сезона училниците во кои се одвива настава со физичко присуство на учениците, од прво до трето одделение, има греење. Обезбедени се грејни тела кои ги затоплуваат училниците“, рече Коцевски.
Во денешната реакција, Коцевски објасни дека реконструкцијата на топловодниот систем во училишната зграда е во завршна фаза и од денеска, (среда, 28.10.2020) започнуваат топлите проби по ламели.
„Со реконструкцијата на топловодниот систем во ООУ „Блаже Конески” ќе се обезбеди современ систем кој овозможува посебно греење на секоја ламела. Нарачател на проектната документација за реконструкцијата е Општина Велес, а се реализира со средства од Министерството за образование и наука. Ваквите обвинувања се политички инструирани и не соодејствуваат со вистината. Реакциите не се ништо друго освен собирање на ситни политички поени врз најмладата популација на општина Велес, децата“, смета Коцевски.
Вчера ВМРО ДПМНЕ на прес конференција обвини дека родители на ученици од ова училиште кои посетуваат физичка настава, се жалат дека во училиштето нема греење и децата морале да седат на часови во јакни. Синоќа реагираше и директорот Јованче Манасков, кој ги демантираше обвинувањата на опозициската партија.
Можеби ќе ве интересира: