Фудбалерите на Борец го запишаа и четвртиот пораз во првенството, втор по ред, откако попладнево загубија во Тетово од Ренова со 1:0, во натпревар, во кој велешани речиси 30 минути играа со играч повеќе, а примија гол во 91. минута.
Неефикасноста на неговите играчи и на овој меч беше главен проблем за тренерот на Борец Горазд Михаилов. Во речиси изедначен дуел, во кој и двете екипи создадоа неколку шанси, домаќините ја искористија последната, кога по еден центаршут во шеснаесетникот на Борец, одбраната лошо реагираше, а топката стигна до слободниот Селмани, кој од три метри, со глава ја смести топката во мрежата на Борец.
Претходно, чисти шанси за водство на велешани пропуштија Прелчец и Филип Ристовски. Куриозитет на средбата е црвениот картон за домашниот играч Стојчевски, кој влезе во 64. минута, а веќе во 67. го направи вториот жолт картон, што значеше и исклучување.
Ова е само втора победа за Ренова во ова првенство, а прва по пауза од девет натпревари. Со поразот, Борец влегува во резултатска криза, која може да ја прекине веќе в среда, кога на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ гостува екипата на Струга Трим Лум.
Резултати:
Беласица – Работнички 2-2
Македонија ЃП – Шкупи 0-0
Пелистер – Силекс 1-2
Ренова – Борец 1-0
Струга ТЛ – Шкендија 1-1
Вардар – А. Пандев 2-0
Табела: Шкендија 27, Македонија ЃП 26, Шкупи 25, Струга ТЛ 20, Борец 19, Вардар 19, Силекс 17, Работнички 14, Пелистер 12, Ренова 11, А. Пандев 10, Беласица 9.
Можеби ќе ве интересира: