Порано се знаеше – Дедо Мраз се спушта низ оџакот навечер, додека децата спијат, и им остава подароци под елката. Тие никогаш не го затекнуваат на дело, затоа што тој брза да стаса секаде. На крајот, можат да го видат во некој трговски центар, да му седнат во скут и да му објаснат дека се добри и што очекуваат за подарок.
Оваа година сè е поинаку, па и Дедо Мразовците треба да го сменат начинот на деловно работење. Затоа тие на големо се подготвуваат за да ги дочекаат празниците подготвени, со помош на технологијата. Сега, наместо џуџиња, има некои други помагачи: програмери, сниматели, дизајнери.
Унгарија, како и речиси сите земји во светот, ќе ги пречекаат Божиќните и Новогодишните празници во значително променети околности. Затоа Дедо Мраз мораше да го смени своето работење и да премине на „онлајн“.
Неколку локални компании во Унгарија започнале со онлајн состаноци со Дедо Мраз, за децата да не бидат разочарани. Една од тие локални компании нуди неколку видови средби со славниот дедо, пренесува Ројтерс.
Тие однапред снимаат персонализирани пораки и ги испраќаат по е-пошта или обезбедуваат мрежни состаноци за време на кои Дедо Мраз ги поздравува децата од својата домашна канцеларија со новогодишна елка и светла што светат во позадина.
Дедо Мразовците во голема мерка снимаат персонализирани пораки до децата, па по цел ден се во студио, под рефлектори и шминка. Еден од долгогодишните Дедо Мразовци, Јанош Немеш, вели дека сепак ќе му недостасуваат личните средби и магијата што ја создаваат заедно со децата.
Ќе видиме што ќе смислат нашите Дедо Мразовци годинава и дали ќе има нешто слично и кај нас. Во меѓувреме, дали вашите деца веруваат во Дедо Мраз или им кажавте дека не постои?
Извор: majkaidete
Moжеби ќе ве интересира: