Претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Велес Лазар Ракиџиев изјави дека нема намера да свикува ново изборно Собрание на сојузот, откако вчера првиот човек на ФК Борец Кочо Анѓушев го обвини дека работи против велешкиот прволигаш. Во интервју за Батали.нет, Ракиџиев вели дека досега се што побарал Борец и Анѓушев, ОФС Велес исполнил, но дека тој, како потпретседател на ФФМ мора да ги штити интересите на сите клубови, а не само на Борец.
„Зошто да свикувам ново Собрание, кога она кое го одржавме е легитимно. Треба самиот себе да се негирам и да фрлам карта и да се откажам од сето ова што сум го работел до сега. Како ОФС ги штитиме интересите и правата на Борец кои му следуваат. Јас се борам да добијат фер и коректно судење, фер и коректен однос, како што се борам за сите клубови. И јас го поддржувам Кочо Анѓушев. Има ли некој кој не поддржува спонзор? Сите го поддржуваме. Никогаш не сум рекол, ниту ќе речам лош збор за него. Но, не можам да прифатам да ми нафрла вина дека јас сум крив за нешто, што не сум го направил. Јас сум отворен и ќе направам се во рамките на моите можности. Но, да исполнуваме желби и да поништуваме Собрание, тоа не можам да го направам“, рече Ракиџиев.
Вчера, претседателот на Борец Кочо Анѓушев, кој преку неговиот „Брако“ е и сопственик и главен финансиер на клубот најави заминување од велешкиот прволигаш, незадоволен што Борец нема свој делегат на претстојното изборно Собрание на ФФМ. Тој го обвини Ракиџиев дека го инструирал изборното Собрание на ОФС Велес кое се одржа во петокот, на кое Ракиџиев доби нов, трет по ред мандат за претседател на сојузот.
По неговата најава, пристигнаа бројни пораки за поддршка од граѓани, спортски работници, навивачи Анѓушев да остане во Борец. Денеска со реакција се јавија и фудбалерите на велешкиот прволигаш кои порачаа да се реши проблемот, во интерес на Борец и фудбалот во градот.
Целото интервју со Лазар Ракижиев можете да го проследите на следниот линк:
Можеби ќе ве интерсира: