Денеска е денот Д за ФК Борец. Управниот одбор на клубот на седница ќе решава дали Брако ќе продолжи да го финансира велешкиот прволигаш. Ова доаѓа по минатонеделната најава на сопственикот на клубот и прв човек на Брако, Кочо Анѓушев, дека ќе го преиспита спонзорирањето на клубот, незадоволен од односот на Општинскиот фудбалски сојуз на Велес, но и на федерацијата, кон Борец.
Бројни пораки за поддршка на клубот и на сопственикот Анѓушев пристигнуваат постојано. Велешани, кои 18 години трпеливо чекаа Борец да се врати во елитата, сега буквално се молат за својот клуб. На разум и наоѓање заеднички јазик меѓу двете спротивставени страни застанаа и најверните навивачи „Гемиџиите“, кои со мирен протсет му дадоа поддршка на клубот. Фудбалерите на Борец апелираа до фудбалските власти да не им го уништуваат тукушто започнатиот проект, Борец да излезе во фудбалска Европа.
Во одбрана на оние кои инвестираат во фудбалот се јави и македонскиот фудбалер на векот Дарко Панчев, кој побара обединување на сите фудбалски чинители, во целта, клубовите да ја водат фудбалската федерација.
Но, до степен на фрапираност, зачувува фактот што молчат спортските легенди на Велес, посебно оние фудбалските. Чест на малкуте исклучоци, но несфатливо е луѓето кои треба најмногу да се радуваат на успесите на клубот, во кои оставиле децении од своите кариери, да молчат пред предизвикот, Велес повторно да стане фудбалска провинција. Тие мораат да се издигнат зад ситните лични интереси и да му помогнат на фудбалот во градот да опстои. Секоја чест за ентузијастите во помалите фудбалски клубови во градот, кои се натпреваруваат во пониските лиги, но еден мора да биде лидер, да влече, да биде репер за останатите, конкурентност, која ќе произведе квалитет. А тоа е Борец. Така било отсекогаш, посебно во златните времиња на велешкиот фудбал од минатиот век, кога бројните фудбалски легенди фудбалски се родиле токму во „помалите“ клубови, за еден ден врвот на кариерите да го достигнат во Борец.
Живееме во време на криза, иако, рака на срце, државава од осамостојувањето не е излезена од неа. Затоа и малкумина се оние кои сакаат своите тешко заработени пари, да ги вложуваат во спортот. Но, тие што се решиле за тоа, мораме да ги почитуваме. Мораме да им ја почитуваме одлуката да инвестираат во нешто, во кое однапред е познато дека нема да им се врати. Но, тоа е само навидум така. Инвестициите во спортот, културата, во општественото живеење воопшто, е влог во заедничка подобра иднина, а неодмиливо ќе стане и дел од историјата, за која генерации ќе зборуваат со почит.
Затоа, во ова време, потребни се ладни глави, а не суети, мудри, наместо избрзани одлуки. Судот на времето е немилосрден и правичен. Брзо ќе покаже кој бил на исправната, а кој на погрешната страна. За да нема победници и поразени, најдете заеднички јазик! Спасете го Борец, спасете го фудбалот во Велес!
Можеби ќе ве интересира: