Управниот одбор на ФК Борец за во среда го одложи донесувањето на конечната одлука за иднината на клубот. Тогаш треба и сопственикот на Брако Кочо Анѓушев да го каже последниот збор, дали останува да го спонзорира клубот.
Иако, за денеска беше свикан состанок на Управниот одбор, сепак, на него не се донесе одлука. Со тоа, остануваат уште два дена неизвесност за велешкиот прволигаш, кој ако го загуби спонзорот, ќе се доведе во ситуација да не може да ги доигра натпреварите од првата лига. Со тоа ќе се доведе во опасност и постоењето на клубот со 102-годишна традиција.
Ова доаѓа по минатонеделната најава на сопственикот на клубот и прв човек на Брако, Кочо Анѓушев, дека ќе го преиспита спонзорирањето на клубот, незадоволен од односот на Општинскиот фудбалски сојуз на Велес, но и на федерацијата, кон Борец. Клубот бараше да има еден делегат, меѓу четворицата претставници на ОФС Велес на изборното Собрание на ФФМ, кое требa да се одржи пролетва и на кое ќе се избира новиот претседател.
Бројни пораки за поддршка на клубот и на сопственикот Анѓушев пристигнуваат постојано. Велешани, кои 18 години трпеливо чекаа Борец да се врати во елитата, сега буквално се молат за својот клуб. На разум и наоѓање заеднички јазик меѓу двете спротивставени страни застанаа и најверните навивачи „Гемиџиите“, кои со мирен протсет му дадоа поддршка на клубот. Фудбалерите на Борец апелираа до фудбалските власти да не им го уништуваат тукушто започнатиот проект, Борец да излезе во фудбалска Европа.
Во одбрана на оние кои инвестираат во фудбалот се јави и македонскиот фудбалер на векот Дарко Панчев, кој побара обединување на сите фудбалски чинители, во целта, клубовите да ја водат фудбалската федерација.
Можеби ќе ве интересира: