Фудбалерите на Борец одиграа одличен меч и во своето најдобро издание зимава, во пријателски меч го совладаа Тетекс со 2:0. Веројатно за многумина од овие играчи на Борец ова беше збогум, откако по победата денеска, ги пречека студен туш во соблекувалните, кога лично сопственикот Кочо Анѓушев им соопшти дека повеќе нема да го спонзорира клубот.
Борец го започна натпреварот офанзивно и со пресинг, не му дозволуваа на тетовскиот второлигаш да ја изнесе топката од своето поле. На водството му претходеа три убави шанси на Александар Мишов, кои не успеа да ги реализира, најмногу поради добрите реакции на гостинскиот голман Тимевски.
Борец дојде во водство во 44 минута, по еден прекин, кога одличен центаршут во шеснаесетникот испрати Лука Трајковски, а нс вистинското место се најде стоперот Стојан Стојчевски, кој со својот дебитантски гол во дресот на Борец, му донесе предност од 1:0.
Во второто полувреме двајцата тренери Михаилов и Георгиевски направија многу измени и им дадоа шанса на сите играчи. Борец продолжи со добрата игра, а најголемата шанса ја имаше Ибрахимовиќ, кој во 68. минута ја погоди стативата.
Конечниот резултат го постави Трајковски во 73. минута кога го совлада лошо поставениот втор голман на Тетекс, Митев.
Овој натпревар Борец го почна во состав: Георгиевски – Ристески, Стојчевски, Ефтимов – Ристовски, Трајков, Чичевски, Борха – Трајковски, Ибрахимовиќ, Мишов. Во игра влегоа уште Сиљановски, Коцев, Ѓорѓиев, Петров, Шабанов, Гавриќ, Ѓорѓиевски и Стојчевски.
Очигледно е дека Борец состави конкурентна екипа за висок пласман во Првата фудбалска лига, но состојбата во клубот и откажувањето на спонзорот веројатно ќе му стават крај на проектот. Остануваат уште неколку дена да се реши иднината на клубот, а за тоа, потребно е нов спонзор, кој ќе ги задржи играчите и стручниот штаб. На потег се велешките стопанственици, кои треба да покажат општествена одговорност и да го преземат клубот, кој, според зборовите на Кочо Анѓушев, нема никакви долгови и има чиста сметка.
Можеби ќе ве интересира: