Фудбалскиот клуб Борец ќе се продава на берза, бидејќи е акционерско друштво. Цената за акциите изнесува 25 илјади евра. Ова им го кажа се уште актуелниот сопственик на клубот Кочо Анѓушев на ветераните на Борец, на денешниот состанок, на кој присуствуваа и играчите.
Сепак, процедурата за купопродажба на берза ќе трае од 10 до 20 дена, па за да се надмине правниот вакуум, Анѓушев предложи ветераните, кои претендираат да го водат клубот, да ја користат жиро сметката и печатите на Борец.
Ова предизвика негодување кај ветераните, кој бурно реагираа, прашувајќи го Анѓушев зошто ветувал дека клубот ќе го предаде без надомест, а сега бара 25 илјади евра за него, на што тој одговори дека не сака во своето бизнис потфолио да му се запише капитална загуба, па затоа трансакција на берза мора да помине по номинална цена на акциите, а потоа тој како донација ќе им врати дел од парите назад.
„Ние изјавивме дека кој ќе изрази желба да го преземе клубот, ние ќе му го отстапиме без надомест, но тука мора да се запази правната постапка. Станува збор за акционерско друштво, кое е во 100 отстотна сопственост на Брако и има 2500 акции, со вредност од 10 евра по акција. Јас им понудив на луѓето што сакаат да го купат клубот, дека ќе треба тоа да го направат преку берза, да ги уплатат тие 25 илјади евра, а ние после тоа, како Брако, ќе ги вратиме како донација назад во клубот, за да не излезе дека ние ги бараме парите, но не треба да биде друштвото продадено со капитална загуба“, рече Кочо Анѓушев.
Ветераните на Борец се затечени од ваквиот развој на настаните. Тие велат дека иако им било ветено дека клубот ќе го добијат без надомест, сега ќе треба да го купат на берза.
„Не очекувавме ваков расплет, бидејќи приказната беше дека клубот ќе го добиеме со нула долгови и без надомест. Затечени сме од ова и во најбрз можен рок ќе се состанеме и ќе разговараме за овој проблем. Берзата е јавно наддавање и нема никаква гаранција дека градот ќе си го врати клубот, иако има правни можности тоа да се случи и без одење на берза. Како понатаму, во моментов не можам да ви кажам“, изјави Марјан Нацев, ветеран на Борец.
Во меѓувреме, фудбалерите се во исчекување на расплетот на оваа состојба. Анѓушев им кажа дека тие ќе добијат чисти документи и потоа ќе можат да одлучат дали ќе останат во Борец или ќе си заминат. Пред два дена, ветераните на Борец разговараа со нив поединечно и најголемиот дел од играчите изразија желба да останат во клубот.
Кочо Анѓушев, кој речиси пет години беше на чело на клубот и негов главен спонзор, во средата објави дека се повлекува од него, незадоволен од односот на ОФС Велес и ФФМ кон него и неговата фирма како спонзори на Борец и најави дека, доколку не се поништи изборното Собрание на ОФС Велес и да се одржи ново, тој ќе го отстапи Борец на оној кој е заинтересиран, без долгови и без надомест.
По ова, од клубот заминаа тренерскиот тандем Горазд Михајлов – Ангел Темелков, а официјално со замина и најдобриот стрелец од ланското првенство Никола Прелчец, одбранбениот играч Алехандер Борха, а заминување најави и младинскиот репрезентативец Оливер Стојменовски.
Можеби ќе ве интересира: