Фудбалерите на Борец убедливо, со 3:0 го совладаа скопскиот третолигаш Њу Старс во денешната контрола на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес. Во изменет состав, без петмина стандардни првотимци, кои го напуштија велешкиот прволигаш, но со тројца нови играчи, повратникот Гавриќ и комплетно нов стручен штаб на чело со Борче Христов, домашните одиграа добар меч, посебно во второто полувреме, кога дадоа два гола, а создадоа многу шанси.
На првиот гол се чекаше 24 минути, кога по една нафрлена топка во шеснаесетникот на Њу Стар, со рака играше Сали, а судијата Величков без размислување покажа на беата точка. Сигурен реализатор беше Трајче Трајков. До крајот на полувремето, Борец го диктираше темпото, но без посериозна шанса за гол.
Во второто полувреме тренерот Христов во игра го внесе хрватскиот интернационалец Еди Баша, кој дебитираше за Борец. Уште веднаш се виде дека Баша ќе биде одлично засилување за велешани. Тој имаше одлична шанса за гол во 56. минута, кога ја издрибла речиси целата одбрана на Њу Старс, но немаше среќа во завршницата, кога левиот дирек го спаси голот на гостинскиот голман Џамтовски.
Во 67. минута го видовме и најубавиот момент на средбата, кога Милан Чичевски со прекрасен шут од слободен удар, од околу 25 метри го совлада резервниот голман на скопјани Јакимовски. По две стопостотни шанси на Лука Трајковски, токму тој го постави конечниот конечниот резултат од 3:0, кога Ристовски нафрли оддесно на втората статива, Ѓорѓиев со глава ја врати, а на Трајковски му остана само да ја смести топката во празната мрежа на гостите.
Ова беше петти контролен натпревар за Борец во, за нив, турблентната зимска пауза, во која победија на три натпревари, еден заврши нерешено, а доживеаја и еден пораз на гости. Се чини дека работите во Борец полека се средуваат, а формата на екипата оди во нагорна линија, па велешани со нетрпение очекуваат продолжување на пролетниот дел на првенството, во кое во недела, на 14 февруари, Борец на домашен терен го пречекува есенскиот вице-првак Шкупи.
Можеби ќе ве интересира: