Бројот на позитивни лица на коронавирусот во земјата продолжува да се намалува, а се забележува пораст на интересот за вакцинација против вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека досега преку веб платформата vakcinacija.mk пријавени се 395.776 граѓани. Според податоците на Министерството за здравство досега аплицирани се вкупно 255.259 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.806 граѓани.
Министерот за здравство Венко Филипче повика граѓаните во што поголем број да се пријават за вакцинација, бидејќи само со масовна вакцинација на што поголем број граѓани ќе се стави крај на пандемијата.
„Колку побрзо и повеќе граѓаните се вакцинираат толку побрзо ќе ги прославуваме поводите за радост, родендените на саканите и свадбите на блиските. Вакцинацијата ни ја враќа слободата да ги прегрнеме нашите блиски, роднини, баби и дедовци“, вели Филипче.
Во вторник на 25 мај во Велес се отвора регионалниот пункт за вакцинација кој ќе биде сместен во спортската сала на ОСУ “Коле Неделковски”, кај велешани познат како УЗУС.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден кај нас беа ргистрирани се 84 оздравени пациенти. Вчера беа регистрирани 51 нов случај на Ковид-19 и тоа во Скопје – 28, Тетово – 5, Битола и Виница – по 3, Прилеп, Кочани и Кичево – по 2, Куманово, Велес, Гостивар, Кавадарци, Неготино и Македонска Каменица – по еден, а пријавени беа вкупно 16 починати лица од кои седум од Скопје.
Досега во земјата се направени вкупно 773.531 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.028, бројката на оздравени пациенти е 146.800, починати се 5.296 лица, а бројот на активни случаи изнесува 2.932.
Moжеби ќе ве интересира: