Ковид тестовите на децата од Гевгелија се негативни, во моментов се спроведуваат и серолошки тестови за евентуално присуство на антитела, информира министрот за здравство, Венко Филипче.
Тим од Детската клиника денеска оди во Гевгелија каде што заедно со тамошните лекари во Општата болница ќе испитува од каква респираторна инфекција заболеле 50-ина деца и бебиња во овој град.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска само го повтори она што и вчера го најавија од Министерството, бидејќи сѐ уште нема детали ниту за каква инфекција се работи ниту индиции што би можело да ја предизвика.
Тој денеска само рече дека тестовите за ковид-19 кај децата биле негативни.
„Првичните претпоставки се дека една од можните причини за ваквите манифестации кои инаку се карактеристични за зимските и есенските месеци, е намалениот имунитет кај нив заради тоа што подолго време биле целосно изолирани и заштитени од вируси додека на сила беа ковид мерките“, рече министерот Венко Филипче.
Министерот посочи и дека нема пријавени вакви случаи во други градови.
Министерството за здравство вчера објави дека вкупно 50 деца и бебиња од Гевгелија во изминатиов месец побарале лекарска помош во локалната општа болница, со симптоми на респираторната инфекција не се типични за овој период од годината – односно самите инфекции кои се појавиле сега во топлиот период, се карактеристични за есен и зима.