(ВИДЕО) 70 години од смртта на Брашнаров: Панко да се врати дома!

Општина Велес ја одбележа 70 годишнината од смртта на Панко Брашнаров. Во знак на почит и благодарност, делегации составени од градоначалникот Аце Коцевски и членови на Советот на Општина Велес, од локални установи и институции како и од неговото семејство, положија букети свежо цвеќе пред мермерниот паметник.

За сведокот на двата Илиндена, за човекот со живот предодреден и посветен на ослободувањето на Македонија, за народниот учител Панко Брашнаров, пред присутните беседеше историчарот Марин Клифов – в.д. директор на Народиот музеј Велес.

Agria

„Несомнено, великаните се раѓаат низ беспоштедна борба, гордо бранејќи ги своите принципи и следејќи го праведниот и благороден пулс на сопствениот народ. Секој оној кој за прв пат почнува да ги прелистува страниците на животната патека на Панко Брашнаров треба во неа да ги препознае пораките, заложбите и тестаментот на историјата на македонскиот народ на сведокот на двата илиндени и на континуираната борба за слобода. Слобода која не учи на вистинската вредност на човечкиот живот туку и на сопствениот идентите на еден народ. Неговата животна патека е историја која судејќи по зборовите на мудрите луѓе ако не ја знаеме тогаш постојано ќе ја повторуваме“, рече Клифов.

Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во битката на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските, Првата светска војна до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото Брашнаров е  приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951 година.

60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков, сите од Велес, успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.

По објавувањето на телевизиската сторија, државата најави враќање на посмртните остатоци на Панко Брашнаров во Македонија. Но и 10 години подоцна, тоа не се случи. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски и на денешното одбележување на годишнината до смртта, им порача на идните првенци на градот да ги вратат посмртните останки на Брашнаров во неговиот роден град.

„Верувам дека историската наука ќе истражува и дека еден ден ќе ја дознаеме вистината за Панко Брашнаров. Останува аманетот на идните првенци на општината, кога и да се создадат услови, неговите посмртни останки да бидат достојно пренесени, тука во неговиот роден Велес. Тоа му го должиме на човекот, кој верувал во идејата за балканска федерација, на легендарниот револуционер, кој бил член на ТМОРО, на ВМРО – Обединета, кој бил и социјалист и комунист. Покрај досега направеното, меѓу што и монументалниот мермерен споменик, дело на академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков, што го подигнавме во негова чест пред 17 години, бистата со неговиот лик, подарок од академик Томе Серафимовски и именувањето на основното училиште ,,Панко Брашнаров”. Големиот, скромен, едноставен, благороден човек, не задолжи сите нас“, напиша Коцевски на својата фејсбук страница.

Денешното одбележување на седумдесет годишнината од трагичната смрт на народниот учител Панко Брашнаров во Велес, заврши со музички колаж во изведба на дуото Малинови.

Можеби ќе ве интересира:

Rontis oglas do 2 juni

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: