Новото уставно име на земјава влегува во личните карти, но граѓаните немаат обврска да ги менуваат веднаш. Сепак, оние на кои им важат и после 12 февруари 2024, по овој датум ќе мораат да вадат нови.
Измените на Законот за лични карти стигнаа пред надлежната собраниска комисија. Владата која е предлагач на овие измени предвидува новите лични карти да се услогласат и со Законот за јазиците. Тоа значи дека личните карти на Албанците во земјава автоматски ќе им се издаваат и на албански јазик.
На припадниците на останатите етнички заедници овој личен документ ќе им се издава на нивниот јазик и писмо, само ако тоа го побараат од надлежниот орган. Според СДСМ, со овие измени се унапредуваат граѓанските права.
Од опозицијата велат дека ќе интервенираат само ако оценат дека со овие измени се прекршуваат човековите права.
Набавката на хардверот и софтверот за изработка на новите документи ќе чини нешто над 6,5 милиони евра. Парите се веќе обезбедени од буџетот, но и покрај тоа, од Владата велат дека ова нема да предизвика фискални имликации и за неговото спроведување не се потребни дополнителни пари од државната каса.
„Наведените финансиски средства се однесуваат за целиот пакет на лични документи (лични карти, патни исправи, возачки дозволи и дозволи за престој на странци). Истовремено, укажуваме дека финансиските средства се враќаат согласно динамиката на издавањето на личните документи на граѓаните.“
Од почетокот на месецов веќе се издаваат и пасоши со новото уставно име. Исто како и кај личните карти и старите патни исправи ќе важат до 12 февруари 2024. Промената на личните документи се прави поради Преспанскиот договор со Грција, според кој рокот на сите документи со старото име истекува за пет години по неговото влегување во сила. Премиерот Заев најави дека тој ќе биде првиот, кој ќе добие пасош со „Република Северна Македонија“.
Извор: Телевизија 24
Можеби ќе ве интересира: