Коцевски: Јас сум голем поборник за децентрализација на власта

Интервју со Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес

Погледнато во еден подолг временски период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои Општина Велес остварува континуиран напредок во своето работење?

А. Коцевски: Пред сè по транспарентноста и отчетноста. Велес постојано е на врвот, и на локално и на државно ниво. Горди сме и на добиената битка против некогашната Топилница за олово и цинк. Победивме заедно со граѓанските организации, здружени во Зелената коалиција и по која сме препознатлив пример во светот.
Општина Велес отсекогаш ги следела најновите европски и светски трендови за одржлив развој. Бевме првата македонска општина која го воведе принципот на граѓанско учество во донесувањето на буџетот, електронско одвивање на седниците на Советот, општина пионер во создавање на граѓански центар на услуги и општина со најголем број дигитални услуги стандардизирани според ИСО 9001. Велес е првата општина со долгорочна стратегија за одржлив развој „Велес паметен град“ и со План за одржлива урбана мобилност 2019−2030. Покрај големиот број награди од: МЦМС, Советот на Европа, ЗЕЛС, ЕУ, УСАИД, УНДП, Движењето на екологистите на Македонија и други домашни и меѓународни организации, тоа што најмногу нè мотивира се граѓаните. Нашето мото е: „Задоволни граѓани − наша цел“, а наша клучна задача е да го подобриме квалитетот на живот во градот и во селата.

Zito akcija 640x289px

Од друга страна, кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува Општина Велес? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите на општината?

А. Коцевски: Велес пред распадот на СФРЈ беше една од индустриски најразвиените општини, со околу 21 000 вработени. Денес е жртва на долгата и мачна транзиција со многу стечајни работници. Тоа многу лошо се одрази на стандардот на населението, но и на полнењето на општинскиот буџет. Велес се соочува со хроничен недостиг на финансиски средства за капитални инвестиции. Нашите општини сè уште немаат пристап до европските структурни фондови. Затоа мора да бидеме штедливи и парите да ги трошиме за капитални инвестиции и да извлекуваме максимум од можното. Во изминативе неколку години добивме големи грантови, како никогаш до сега. Градиме нов Градски пазар во вредност од 86 милиони денари. Добивме поддршка од ЕУ во вредност од над еден милион евра за реализација на проектот „Паметно Езеро Младост“, како и поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка за изградба на инклузивен детски забавен парк. Ја поминавме втората фаза од проектот на ЕУ со иновативни решенија за централното градско подрачје во вредност од 750 000 евра. Се санираше свлечиштето Цуцка во вредност од над еден милион евра. Реализиравме проекти преку АФПЗРР во вредност од околу 800 000 евра, градиме нови водоводни линии и ги реконструираме постоечките со средства од ЕИБ со вредност од речиси еден милион евра. Создадовме ново кино со најсовремена технологија за дигитално киноприкажување. Инвестицијата е во вредност од 76 000 евра. Убедливо најголем проект што ќе почне за неколку месеци е изградбата на колекторски систем и пречистителна станица за фекалните отпадни води во вредност од 24 милиони евра, што ќе биде финансиран со средства од ИПА 3 програмата на ЕУ. Во тек е и проектот за реконструкција на локални патишта и улици од заем од Светска банка од кој Велес доби речиси 1,2 милиони евра. Едноставно, не запираме. За нас европските и меѓународните проекти, но и соодветното управување со буџетот не се само прашање на финансии, туку процес на учење и континуиран напредок.

Текстот продолжува под рекламата

Agria

Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?

А. Коцевски: Се разбира. Промени се повеќе од неопходни. Штета што државата не ги користи доволно потенцијалите на локалната самоуправа во вкупниот развој на земјава. Од почетокот на процесот на децентрализација поминаа 16 години. За жал, нашава земја и понатаму е една од фискално најцентрализираните држави во Европа.
Реформите мора да се спроведат во три клучни области. Прво, општините мора да добијат нови т.н. недржавни надлежности, особено во областа на: социјалните услуги, културата, превентивната здравствена заштита, локалната економија и многу други клучни области и да имаат комунална полиција. Второ, неопходна е фискална децентрализација за општините да добијат доволно финансиски средства за успешно да ги извршуваат надлежностите со што ќе се обезбеди поголема автономност. И трето, неопходни се промени во организацијата на локалната самоуправа затоа што сегашниот модел „си плаче“ за подобрување.
Но, не е доволна само промена на законската регулатива. Во моментов огромни се долговите на општините, десетина општини се со блокирани жиро-сметки, состојбата во јавните комунални претпријатија е многу лоша (финансиски загуби, мал процент на наплата, застарена механизација и опрема, големи загуби на вода, превработеност). Општините мора да ги менуваат лошите практики, да бидат покредибилни, потранспарентни, поотчетни, поодговорни.

Текстот продолжува под рекламата

Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?

А. Коцевски: Да. Друго решение нема. Јас сум голем поборник за децентрализација на власта. Крајно време е декларативната поддршка да се замени со вистинска, конкретна, практична поддршка, на дело. Клучен е и рамномерниот регионален развој. Нашава земја сè уште е исклучително многу нерамномерно развиена и соочена со сива економија. Ни недостасува и систем за финансиско изедначување за општините со недоволни финансиски ресурси да добијат соодветна поддршка затоа што сите граѓанки и граѓани, без оглед на тоа во кое село или град живеат, имаат право на минимален квалитет на образовни, социјални, здравствени и секакви други услуги. Секако, приоритетите мора да ги усогласиме со Европската зелена агенда и Европскиот инвестициски план за земјите од Западен Балкан.

Дали има нешто што самата Општина Велес може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?

А. Коцевски: Се разбира. Мора да бидеме самокритични. Како и сите други општини, и ние во Велес секогаш можеме да направиме и повеќе и подобро, пред сè, за да собереме што повеќе сопствени изворни приходи, подобро да ги планираме и приходите и расходите, внимателно да ги утврдуваме приоритетите, со максимална вклученост на граѓаните во сите фази, во планирање, во реализација и во контрола. Постојано мора да инвестираме во човечкиот капитал. Уште побрзо да ги прифаќаме промените и да бидеме креатори на добри практики. Да ги обучуваме луѓето, да вложуваме во нови технологии за да бидеме поефикасни и поефективни и за да обезбедиме поквалитетни, побрзи и поевтини сервисни услуги.
Неопходен е позабрзан економски развој за што на општините им се неопходни соодветни инструменти и механизми. Мора да продолжиме да ги развиваме индустриските зони и да ги стимулираме претприемништвото и иновациите. Да се обидеме да ја раздвижиме локалната економија. Притоа државата мора да води сметка за нееднаквиот степен на економски развој и инвестициите во општините и повеќе да им помага на општините кои се во полоша економска состојба во споредба со останатите. Се надевам дека овој систем на рамномерен економски поттик ќе стане реалност и дека ќе успееме да го подобриме животот на граѓаните.

Каква е комуникацијата на Општина Велес со другите чинители како што се граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор итн.?

А. Коцевски: Велес има висок рејтинг кај домашната стручна јавност и особено кај странските и меѓународните претставници во земјава. На почетокот на децентрализацијата Велес беше избрана за пилот-општина, за модел на македонска општина во која ги испробувавме новитетите. Домашните институции и меѓународната заедница особено ја ценат одговорноста, транспарентноста, отчетноста, кредибилноста и нашата посветеност кон приоритетите на граѓанките и на граѓаните.
Збратимени сме и имаме пријателски односи со над 15 општини. Член сме на ЦИВИНЕТ Мрежата за Југоисточна Европа која работи на унапредување на одржливата урбана мобилност и паметните решенија во општините.
Велес е првата општина која со помош на ФООМ и СДЦ уште во далечната 2006 година го воведе принципот на учество на граѓанките и на граѓаните во одлучувањето за буџетот и програмите во сите области на надлежност. Во рамките на можностите континуирано ги поддржуваме граѓанските организации без да ги направиме зависни и пристрасни кон општината затоа што ни се важни и како независни критичари. Велес има Локален граѓански совет со кој се координираме за важни прашања за развојот на општината, а со бизнис-заедницата соработуваме преку Локалниот економски совет. Во стратешкото планирање ја вклучуваме академската заедница и од земјава и од странство.

Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на Општина Велес?

А. Коцевски: Прво и основно е да ги почитуваме и да ги применуваме принципите утврдени во членот 9 на Европската повелба за локална самоуправа на Советот на Европа, што е ратификувана од нашето Собрание. Општините мора да имаат доволно финансиски средства за успешно да ги извршуваат законски доверените надлежности и за да обезбедат квалитетни услуги. Мора да има систем за финансиско изедначување. Општините мора да имаат пристап за задолжување на домашниот и меѓународниот пазар на капитал. Потребно е да се зголеми одговорноста во финансискиот менаџмент за пак да не ни се случуваат неодговорни градоначалници, незаконски, со години да трупаат долгови, а сè уште никој за тоа да не одговара. Данокот на имот, како најправичен данок, нуди одлични можности за обезбедување сигурни, одржливи финансии на општините. Нашава земја мора да одбере концепт на локални финансии што ќе даде најдобри резултати. Сега со општински буџети во кои околу 64 % се трансфери од централната власт ризично е да зборуваме за автономност и самостојност на општините од централната власт. Општините и Град Скопје мора да добијат повеќе финансиски средства, односно мора значително да се подобри учеството на локалната јавна потрошувачка во вкупната јавна потрошувачка и во БДП. Тоа може да се направи со зголемување на трансферите од ДДВ и од персоналниот данок, како и со создавање на други законски можности.

Преземено од ekonomijaibiznis.mk

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: