Тезгите од долниот дел на пазарот се селат покрај кејот на Вардар, кај Мало Мовче. Причина за ова е доцнењето на изградбата на горниот дел на затворениот пазар, кој требаше да биде готов до 15 септември. Но, изведувачот доцни со градежните работи, а Светска банка, преку која се реализира овој проект, инсистира градежните работи на долниот пазар да почнат во наведениот рок. Скопската фирма „Бауер БГ“, која го доби тендерот за изградба на горниот дел на пазарот, се обврза дека ќе го заврши до средината на месецов. Но, оштетен канал при ископот, корекции во проектот и летните горештини го одложија финишот на овој капитален проект. Лут на доцнењето, градоначалникот на Велес Аце Коцевски повторно најави казна за изведувачот.
„Минатата недела имавме тензичен разговор со изведувачите на горниот дел од пазарот. Претходно, тие ветија дека ќе го стигнат до 15 септември, но јас стекнав впечаток дека тоа нема да биде така. Затоа, ќе ги превземеме сите заштитни механизми, за на крајот да платат казнени пенали. Денеска треба да стигне шлепер со решеткастата конструкција, деновиве треба да стигнат панелите за покривната конструкција. При крај се со работите, но ќе има доцнење, па од тие причини, не можеме да чекаме да се заврши горниот дел, па тезгите од долниот да ги префрлиме горе. Светска банка ни врши притисок да го внесеме во работа изведувачот на долниот дел, а тоа е некоја друга фирма од Битола, која е избрана за најповолен изведувач, па затоа со директорот на Дервен се договоривме идната недела да го испразнат долниот дел од пазарот и тезгите да ги префрлат покрај Вардар, да најдат алтернативно решение за продавачите на јајца и сирење, за да може од следниот петок да почнат градежните работи на долниот дел“, рече Коцевски.
Содржината продолжува под рекламата
Но не само изградбата на пазарот, туку изградбата на речиси сите проекти во градот доцни. Причината за ова градоначалникот Коцевски ја гледа во недоволниот капацитет на градежните фирми, кои ниту имаат доволно работници, ниту располагаат со соодветна механизација.
Содржината продолжува под рекламата
„За жал, нашата држава нема капацитет во градежната оператива да реализира толку капитални инвестиции, колку што се предвидуваат во државниот буџет и во буџетите на општините. Едноставно, нема толку градежни работници и фирмите немаат толкава механизација и цело време се расправаме со доцнење од вакви или такви причини. На тоа се надоврзува и пандемијата и летниот период кога имаше и забрана за работа на отворено на градежните фирми, кога беше портпкаловата фаза“, рече Коцевски.
Изградбата на затворениот пазар во Велес е една од најголемите капитални инвестиции на општината во последните три децении.
Можеби ќе ве интересира: