Според бројките кои што ги споделија од Државниот завод за статистика а првите осум дена, попишани се речиси 420.000 лица, од кои половината во последниве два дена. Попишани се и речиси 130.000 домаќинства и над 170.000 станови. Од ДЗС информираат дека попишувањето продолжува со посакуваниот интензитет и темпо, а само вчера биле попишани 111 186 лица, соопштија од ДЗС.
„Државниот завод за статистика уште еднаш ги известува граѓаните дека за сите дилеми и нејаснотии кои ги имаат во врска со процесот на попишување можат да се обратат во Бирото за Попис, на телефонските броеви кои се објавени на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk. Попишувачите кои го спроведуваат попишувањето на терен се овластени лица на Државниот завод за статистика кои се обучени за оваа активност и апелираме до населението да ги прими во своите домови со доверба и почит и да ги даде потребните податоци.Успешноста на оваа статистичка операција зависи од сите нас и е за сите нас“, соопштија од ДЗС.
Но и покрај ваквиот позитивен тренд, од политичката партија Левица обвинуваат дека бројките се лажирани. Пратеникот Борислав Крмов вели дека нивните информации говореле дека бројот на попишани е двојно помал. На попишувачите не им била отворана врата, а во поруралните средини биле и физички напаѓани.
„Пописот оди тешко, тие бројки кои што ги лиферуваше ДЗС се смешни, во минатите 7-8 дена колку што трае пописот, нив четири дена не им работеше апликацијата воопшто, така да, дека они стигнале до некоја си бројка од 400 илјади е апсолутно невозможно“, рече за Канал 5, Борислав Крмов од Левица.
Можеби ќе ве интересира: