Претпладне ќе имаме променливо облачно време со локален пороен дожд и грмежи претежно во планинските региони. Попладне ќе биде умерено облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во југозападните делови ветерот ќе е западен и повремено со засилен интензитет.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 17, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Од утре ќе биде претежно стабилно со повремено зголемена облачност и нешто пониски дневни температури. Особено посвежо ќе биде од среда.
Инаку, поројниот дожд кој вчера десетина минути паѓаше во Велес, поплави неколку куќи на улица Орце Мартинов, која се протега од новиот театар , по патот за болница, кон високите делови на градот. Жителите на оваа улица раскажуваа дека се се случило за неколку минути, кога се создала силна поројница, која ги откорнала и коцките од улицата, кои пак завршија на главната улица.
Во паркот во дворот на Гимназијата Кочо Рацин паднаа две дрвја, од кои едното буквално е откорнато од земја.
На паркингот пред брза помош дрво падна врз автомобил, а кај интернатот, ветерот сруши огромно дрво, кое оштети два автомобили а ги штети направи и на ролетните на прозорците. Силниот ветер урна дрво и во близина на салата Парк спорт, кое со себе повлече и бандера. Дел од граѓаните се жалеа дека немаат струја и интернет. Екипи на ЕВН, Дервен и телекомуникациските оператори во текот на вчерашниот ден беа секаде на терен низ градот и ги чистеа улиците и ги отстрануваа дефектите.
Moжеби ќе ве интересира: