(ВИДЕО) Христов: Ве молам за трпение, Борец има млада и талентирана екипа

Borce Hristov

Тренерот на Борец Борче Христов ги замоли навивачите на велешкиот фудбалски прволигаш за трпение, откако екипата влезе во серија од три порази по ред во последните три кола од првенството. Тој рече дека Борец има најмлада екипа од сите прволигаши, која во просек има околу 22 години, па за очекување се вакви падови во играта.

Содржината продолжува под рекламата

Zito akcija 640x289px

„Јас ја очекував оваа криза, од која, се надевам дека брзо ќе излеземе. Имаме десетина играчи кои имаат околу 20 години и се без искуство, а играат нон-стоп по цели натпревари. Таков е примерот со младиот 19-годишен Димитрие Јанкулов, кој е стандарден репрезентативец во У-21 и кој ги одигра сите натпревари сезонава и за Борец, но и за репрезентацијата, против Франција и Србија. Нормално е за еден млад играч како него, да помине низ мала играчка криза. Имавме и пех со нашето засилување во нападот Крста Ѓорѓевиќ, кој на натпреварот против Македонија Ѓ.П., пред две кола, заработи скршеница на лицето, во дуел во кој судијата мораше да покаже црвен картон на противничкиот играч. Од друга страна, го имаме Лука Трајкоски, кој сезонава блесна во дресот на Борец и си обезбедува место и во У-21 репрезентацијата. Точно е дека имаме проблем со реализацијата, создаваме шанси, но недостигаат голови. Пример за тоа е натпреварот со Шкупи, кој создаде 11 шанси и постигна три гола, а ние создадовме 10 шанси, но не реализиравме ниту еднаш. Ова не сакам да звучи како правдање, но барам од јавноста трпение. Верувам во оваа екипа и убеден сум дека резултатите ќе дојдат“, рече Христов.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

Запрашан за гласините дека час-два пред почетокот на средбата Борец – Скопје, која велешани ја загубија со 0:2, обложувалниците ја повлекле од билтените и не дозволувале обложување на неа, под сомнение дека натпреварот е наместен, Христов вели дека тоа се шпекулации, кои немаат основа.

Содржината продолжува под рекламата

„На тој натпревар имавме четири-пет изгледни шанси. Ако сме го наместиле натпреварот, зарем ќе создававме прилики за гол? Ако ги реализиравме, сега друго ќе зборувавме. Нам ни недостигаат неколку веќе освоени бодови, но само поради младоста и неискуството на играчите. Против Брегалница имавме добиен натпревар, но примивме гол во 93 минута, со Македонија Ѓ.П. на гости испуштивме бод во последните пет минути, против Шкупи бевме оштетени со два сомнителни пенали против нас“, рече Христов.

Тој се пожали дека клубот нема никаква поддршка ниту од општината, ниту од бизнис секторот во Велес, па затоа Борец има најмал буџет од сите прволигаши. Христов ги посочи Штип и Кавадарци, како пример како се поддржуваат локалните фудбалски клубови, за кои рече дека освен генералните спонзори, уште десетици други фирми финансиски ги помагале клубовите.

По девет одиграни кола, Борец е на 10 место на табелата, со скор од две победи, едно реми и шест порази и гол разлика 7:17, што го прави четврти најнеефикасен тим во Првата лига. Помалку голови од велешани имаат постигнато само Скопје и Тиквеш по шест и Пелистер, кој постигна четири голови досега. Во исто време, со примените 17 гола, Борец ја има и втората најслаба одбрана во лигата. Тренерот Христов вели дека паузата за репрезентативните квалификации добро ќе им дојдат и на играчите и на стручниот штаб, за да се поправат слабите сегменти од играта. Во сабота (09.10.) на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ е закажан контролен натпревар против скопски Вардар, а првенството продолжува на 16 октомври, кога Борец има тешко гостување во Струга, против истоимениот тим.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: