Марко Колев ја презеде функцијата градоначалник на Велес

Primopredavanje na gradonacalnik
Primopredavanje na gradonacalnik

Со симболично предавање на клучот на градот, Марко Колев и официјално ја презеде функцијата градоначалник на Општина Велес. На денешното свечено примопредавање на функцијата, досегашниот градоначалник Аце Коцевски му посака успех во водењето на градот. Во својот прв говор како градоначалник, Колев рече дека ќе работи чесно и посветено и ги повика петте пратеници во Парламентот кои потекнуваат од Велес (Ненад Коциќ, Игор Здравковски, Димитар Апасиев, Љупчо Димовски и Љупчо Пренџов н.з.), од кои присутен беше само Игор Здравковски, да лобираат за повеќе проекти за градот. Тој се обрати до ЈКП Дервен, на кое му порача дека граѓаните очекуваат чист и уреден град, со повеќе зеленило.

Zito akcija 640x289px

„Време за губење нема. Веднаш започнуваме со работа и реализација на 213 проекти, кои беа дел од мојата предизборна програма. Свесен сум дека нема да биде лесно, свесен сум за предизвикот, но само со напорна работа, трудољубивост и сплотеност, ќе ги оствариме зацртаните цели, да го направиме Велес поубаво место за живеење за сите нас. Ја користам оваа прилика да упатам пораки до сите пратеници во Собранието на Република Македонија, кои се по потекло од Велес, а ги има петмина – дајте се од себе, борете се за што повеќе проекти да бидат насочени кон Велес. Сите сме свесни дека за дел од проектите, треба финансиски да бидат поддржани од централната власт. Упатувам порака и до советниците на Општина Велес – време е за носење на разумни одлуки, одлуки кои ќе не сплотуваат, одлуки кои ќе се гласаат едногласно, за доброто на нашиот град. Упатувам порака и до вработените во општинската администрација – јас ќе подадам рака, тоа го очекувам од вас. Граѓаните на Велес очекуваат повисок степен на извршување на обврските. И на крај, упатувам силна порака до ЈКП Дервен – граѓаните на Општина Велес очекуваат, како никогаш до сега, почист, позелен и поубав Велес“, рече градоначалникот Марко Колев во своето прво обраќање.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

Досегашниот градоначалник Аце Коцевски рече дека му било чест што во претходниот четиригодишен мандат го водел Велес, град со посебно значење во македонската историја. Коцевски одбегна да говори за тоа каква општина наследил пред четири години, а каква остава на крајот од неговиот мандат.

„Ова што го правиме, сметам дека е голем ден за демократијата во Велес, затоа што на Велес му прилега на ваков, достоинствен, убав начин да се врши примопредавањето на власта и посакувам тоа да биде секогаш традиција. Пред оваа церемонија, ние имавме убава средба со новоизбраниот градоначалник, поразговаравме за сите важни работи кои сметавме дека е добро да ги споделиме. На новоизбраниот градоначалник Марко Колев му го честитам изборот, победата беше јасна, недвосмислена и чиста, тоа е голема обврска пред граѓанките и граѓаните на Велес. Му посакувам, пред се, добро здравје и многу успех во извршувањето на многу одговорната функција во наредните четири години. На новоизбраните членови на Советот им честитам на изборот и им посакувам плодна и успешна работа. Упатувам благодарност до претседателите на Советот и на членовите на Советот и од власта и од опозицијата во претходните четири години, за успешните задачи кои заедно ги реализиравме. Им се заблагодарувам и на вработените во општинската администрација, кои се столб на секој општина. Велес има прекрасни општински службеници, кои знаат како треба да му служат на својот народ, на граѓанките и граѓаните. Не би сакал да коментирам за тоа каква сум ја презел општината, каква ја предавам, тоа се теми за други муабети“, рече поранешниот градоначалник на Велес Аце Коцевски.

Содржината продолжува под рекламата

На свеченоста беа доделени и уверенијата на новоизбраните членови на Советот на Општина Велес, во чиј состав единаесетмина се од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, осуммина од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, тројца од Левица и еден член на ДУИ.

Sovet na Opstina Veles 2021

На свеченоста присуствуваа претставници на политичкиот и општествениот живот на Велес, претставници на верските заедници.

Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Марко Колев победи во првиот круг на локалните избори, освојувајќи 12.381 глас, пред кандидатот на СДСМ Ненад Коциќ, кој освои 7.789 гласови, на кандидатот Левица Златко Арсов, кој собра 2.314 гласови и кандидатот на Бошњачкиот демократски сојуз Семир Алимов со освоени 505 гласови. Марко Колев петтиот градоначалник на Велес, кој во самостојна Македонија се бира на непосредни избори.

Во продолжение, погледнете ги видеата од денешната свеченост, говорите на поранешниот и сегашниот градоначалник на Велес и изјавите кои ги дадоа за медиумите по завршувањето на свеченоста.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: