Дали детето одбива навреме да стане за на училиште, дали го одолжува облекувањето и не се придржува кон правилата за средување на собата или гледањето ТВ? За тоа има лек, тврдат детските психолози. Тие објаснуваат дека викањето и казната често имаат контраефект, а родителите треба да се послужат со мали лукавства.
Стратегии:
Победете го часовникот
Без разлика дали одбива да ја напише домашната задача навреме или да ја среди собата, најлесен начин да го натерате детето да стане е со играта „победи го часовникот“. Тврдоглавите деца ги интригираат предизвиците од таа игра, па ако им кажете да го победат својот рекорд и да ви докажат дека за 15 минути може да ја средат собата или да ја напишат домашната, тоа за нив ќе биде мотивација.
Џокер помош
Колку и да е детето тврдоглаво, ќе сака да се чувствува корисно и способно во семејството. Ако му презентирате дека со неговото однесување може многу да ви помогне, а од тоа ќе произлезе и заедничка награда, на пример, заедничко одење на пица, во кино или на излет, тоа полесно ќе сфати дека покрај извршувањето на обврските доаѓа и слободното време и уживањето во кое може да се опушти без притисок.
Користете позитивни зборови наместо критики
Одлично ја местиш масата и бришеш прашина. Одлично ти оди пишувањето и би можел да бидеш најдобар во одделението ако вежбаш – ова се примери на позитивни охрабрувања кои детето ќе го мотивираат подобро отколку критикување и казни.
Да-прашања
Ако детето нешто тврдоглаво одбива, заиграјте ја со него стратешката игра „ДА“. Поставувајте прашања на кои мора да ви одговори со „да“ и тоа најмалку 3 пати по ред. Три позитивни одговори во низа ќе го разбијат отпорот на детето, а тоа истовремено ќе чувствува дека го слушате и разбирате.
Обратна психологија
Кај децата што имаат силна волја, ниту викањето ниту молбите нема да бидат делотворни бидејќи тие не сакаат да следат наредби, туку сами да одлучуваат. Во тој случај помага само обратната психологија. Наместо на детето да му наредувате давајќи му детални упатства, прашајте го за неговото мислење и дајте му да избере само две опции. Детето ќе го направи токму она што го сакате, а притоа ќе мисли и дека крајната одлука била негова.
Автор: Карина Шиждрак
Извор на веста: deca.mk
Moжеби ќе ве интересира: