Како беше на училиште, што кажа учителката, што јадеше денес… се само некои од прашањата кои повеќето родители секој ден им ги поставуваат на своите деца. Но, тие прашања и нивните одговори, какви и да се, не се разговор. Разговор е, истакнуваат многу психолози за деца, вештина која мора да се научи, а се учи, меѓу другото и преку слушање на децата како тие разговараат меѓу себе.
За да воспоставите и да одржувате постојана комуникација со детето, многу е важно да одвоите време само за разговор, советуваат експертите, а не да го завршувате попатно, додека готвите, пеглате или јадете. Само ако се концентрирате, ќе можете според гестовите на детето да забележите дали ви крие нешто или избегнува одговор на некое прашање. Важно е да се повика детето на разговор со отворени прашања: „Те интересира што готвам за вечера? Дојди да видиш. Можеш да ми се приближиш и да ми раскажеш како се чувствуваше денес на училиште“… или да му се приближите преку игра.
Влезете во неговата соба играјќи со топка, па во еден момент дофрлете му ја. Така полесно ќе постигнете не само детето да ви зборува за себе, туку и да ве слушне вас.
Затоа педијатарот д-р Бил Сирс, автор на триесетина книги за воспитување, советува дека е најважно за почеток да се поврзете со детето и да го добиете неговото внимание пред самиот разговор. Без таа поврзаност, вашите зборови упатени кон детето само ќе поминат, како никогаш да не биле изговорени. Воспоставете контакт со очите, но не на начин како да сакате да го контролирате, туку да го научите да се фокусира, а тоа да не звучи премногу строго: „Миа, потребни ми се твоите очи/уши.“
Секогаш својата намера започнете ја со името на детето и бидете кратки и јасни. Обидете се да кажете што сакате со една реченица. Колку повеќе зборувате, помалку ќе ве слушаат. Премногу зборување е една од најчестите родителски грешки и детето од тоа стекнува впечаток дека ниту вие не сте сигурни во тоа што сакате да го кажете, советува д-р Сирс и додава дека најдобар начин да научите да ја искажете својата е да послушате како меѓусебно комуницираат децата. Тие не трошат премногу зборови за да го кажат она што го сакаат. Па затоа, една кратка и јасна реченица ќе заврши работи. Откако сте ја кажале, замолете го детето да повтори што сте му рекле, па ако барањето е премногу комплицирано, детето нема да може ниту да го повтори ниту да го изврши.
Исто така, истражувањата покажале дека е многу поефективно заповедниот тон да се користи во реченици со „сакам“. На пример, „Сакам да ја напишеш домашната сега, за потоа да можеме да си играме.“ И задржете го позитивниот тон, сопрете пред да избувнете: „Не трчај низ дома!“, па обидете се со реченицата: „Дома одиме, надвор трчаме.“
Исто така, немојте да ја прекинувате детската активност нагло и со заповеднички тон. Наместо да викнете: „Исклучи го телевизорот и дојди на маса“, со што сигурно ќе предизвикате отпор кај детето, седнете покрај него и гледајте неколку минути телевизија со него и прокоментирајте го виденото. Кога ќе заврши емисијата што ја гледате или кога ќе се појават реклами, изгасете го телевизорот и седнете на маса.
И запомнете, колку погласно протестира детето, толку вие бидете потивки и посмирени. Само така ќе успеете да не бидете вовлечени во играта на докажување на моќта во која нема победник.
Автор: Николина Живковиќ
Веста е преземена од: deca.mk
Можеби ќе ве интересира: