Најсилниот земјотрес имал интензитет од 5,7 степени според Рихтеровата скала а епицентарот бил на 16 километри од местото Столац. Една девојка загина, а причинета е значителна материјална штета.
По 23 часот, силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Босна и Херцеговина, со епицентар во местото Струпиќе. Според информациите на корисниците на социјалните мрежи, земјотресот се почуствувал од Македонија до Хрватска, но и во некои градови на источниот брег на Италија.
Најмногу материјална штета е пријавена во местата Љубиње, Билеќа и Столац, каде од здобиените повреди почина една девојка (28) откако се урнале камења врз куќата. Нејзините родители се здобиле со лесни телесни повреди.
Директорот на Здрвствениот дом Столац, Казимир Рагуж, потврди дека освен овој случај, нема потешко повредени. „Ние вечерва дојдовме тука со 4 тима итна помош, подготвени сме да реагираме ако биде нешто потребно. Она што го знаеме од теренот е оти има помали одрони, некои помали оштетувања на фасади. Цивилната заштита натаму ќе ја процени состојбата на теренот, дали треба нешто некому да му се помогне“, изјави Рагуж за новинарите.
Вкупно пет земјотреси го погодија ова подрачје во период од 4 часа, а последниот е забележан со магнитуда од 4,6 степени, во три часот по полноќ. Полицијата и пожарникарите ја поминаа цела ноќ на терен, како и граѓаните, кои ноќта ја поминаа на отворено. Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, на социјалните мрежи ги информираше граѓаните дека по земјотресот во Мостар ситуацијата е мирна и ги повика на смиреност.
Земјотресот траел 16 секунди, а е почувствуван и во Србија, Хрватска и во Црна Гора. Медиумите пренесуваат дека земјата се тресела во Нов Белград и во Ваљево, оти потресот траел кратко, но дека интензитетот бил силен. Земјотресот е почувствуван и во Сплит и во Дубровник, а корисниците на социјалните мрежи јавуваат дека се почувствувал и во Македонија.
Инаку, се работи за регион кој е исклучително трусен. Во зоната Вележа, на релацијата Мостар – Невесиње, постојат иклучително трусни активности со раседна зона и допир на централните и надворешните Динариди. Што се однесува до историјата на тој регион, силен земјотрес со епицентар во Јадранското Море, ја погоди областа помеѓу Бар и Улцињ во 1979 година со јачина од седум степени и однесе 129 животи, предизвикувајќи огромна материјална штета. Разорниот земјотрес со епицентар во Скадар во 1905 година, со јачина од 6,6 степени, однесе над 100 животи.