Службено лице кое било присутно кога се вршел увидот во станот на починатите мајка и син од Велес е еден од новозаразените велешани со коронавирус, дознава Батали од свои извори. Поради заштита на неговата приватност, неговиот идентитет и работното место нема да ги објавиме.
79-годишната Катерина Маноилова и нејзиниот 53-годишен син Ванчо пред осум дена беа пронајдени мртви во нивниот стан. Неколку дена подоцна, министерот за здравство Венко Филипче објави дека во дишното стебло на мајката се пронајдени траги од коронавирус.
Дел од медиумите, кои се повикаа на извештајот од обдукцијата, објавија дека мајката и синот биле мртви три месеци. Оваа вест го отвори прашањето дали вирусот го имало во земјава и пред да биде официјално потврден првиот случај. Дел од лекарите веста ја нарекоа сензација, а некои од нив рекоа дека ако тоа се потврди, ќе ја смените светската историја.
Урологот во пензија Димитар Стровјановски остави можност телото на жената да било контаминирано со вирусот од оние кои манипулирале со него, откако мајката и синот беа пронајдени во станот, до моментот на транспортот на нивните тела на Институтот за судска медицина.
Дали лицето за кое денеска е утврдено дека има коронавирус е поврзано со остатоците од вирусот во дишното стебло на жената, ќе покаже извештајот од обдукцијата. Директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков, ја демантираше информацијата дека е утврдено времето кога тие починале и рече дека кај тела во распад тоа е една од најтешките работи.
Обдукциониот извештај се очекува до крајот на неделата. Во истрагата се вклучени и други институции, кои, како што рече министерот Филипче, треба да дадат свој импут во расветлувањето на целиот случај.