Реклама

Која е вистината со појавата на коронавирус меѓу вработените во велешката конфекција Ју-Ка?

konfekcija

Тројца вработени во велешката конфекција Ју-Ка се позитивни на коронавирус, а на други пет ќе им бидат направени тестови. Дел од членовите на нивните семејства денеска преку пораки испратени до нашата редакција се пожалија дека од раководството на конфекцијата им било кажано дека треба да доаѓаат на работа, се додека не ги добијат резултатите од тестовите.

Zito akcija 640x289px

„Пет жени ќе одат да се тестираат, ама сеуште не ги пуштаат да седат дома. Газдата им рекол дека ќе работат, се додека не добие дозвола „одозгора“, за да затвори“, се дел од реакциите на роднините на вработените.

Agria

Батали.нет денеска разговараше со директорот на конфекцијата Ју-Ка, Трајче Димитриевски. Тој ги демантира ваквите обвинувања и вели дека во конфекцијата се превземени сите мерки за заштита.

„Се разочарав од дел од вработените, кои изнесуваат невистини. Вистината е дека во нашата компанија одамна имаме формирано кризан штаб, кој секојдневно заседава и ја следи состојбата. Никому не сум му забранил да не доаѓа на работа, доколку се сомнева дека е можно да се зарази. Напротив, на сите наши вработени им е кажано дека доколку сметаат дека биле во контакт со заразени или има и најмала шанса од било каде да се заразат, да не доаѓаат на работа. Видете, во погоните секојдневно сум и јас, но и целото мое семејство. Постојано сме во контакт со сите вработени. И нас ни е битно нашето лично здравје. Зарем мислите дека би оставиле заразата да се шири, без да преземеме нешто?“, рече Трајче Димитриевски, директор на конфекцијата Ју-Ка.

Trajce Dimitrievski Ju Ka
Трајче Димитриевски – директор на конфекција Ју-Ка – Велес

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека нема информација за заразените во велешката конфекција, но им порача на вработените дека можат да пријават, доколку сметаат дека мерките не се почитуваат.

„Било кој од вработените на конфекцијата, ако смета дека не се почитуваат мерките и препораките, апсолутно мора да пријават кај државниот санитарен инспекторат или пазарниот инспекторат, бидејќи било кое непочитување на мерките е голем ризик за здравјето на граѓаните“, рече Филипче.

Претходно, коронавирус се појави меѓу вработените на велешката конфекција Алена, која веднаш ги испрати вработените на принуден одмор, а со работа ќе почнат за неколку дена. Заразени имаше и во маркетот Кит – Го, но откако 15 вработени беа испратени во изолација, а маркетот беше дезинфициран, тој продолжи со работа.