Двајца велешани се меѓу 23 новозаразени граѓани со коронавирус во земјава во последните 24 часа. Министерството за здравство објави дека се регистрирани 111 излекувани пациенти од ковид-19, а четири лица починале.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на возраст од 62 години, а во ГОБ ‘8 Септември’ почина пациентка од Гостивар на 59 години. Во денешниот извештај на Институтот се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово, на возраст од 72 и 79 години, пациентка која се лекувала во домашни услови и пациентка која се лекувала на инфективното одделение во болницата во Куманово“, информира Министерството за здравство.
Помеѓу оздравените 111 лица, нема велешани. Од нив, 74 се од Куманово, 18 од Прилеп, 13 се од Скопје, а од Штип, Битола, Охрид, Крива Паланка, Пробиштип и Демир Хисар има по еден оздравен.
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани со ковид-19 во нашата земја изнесува 1 465, бројката на оздравени пациенти е 738 , на починати е 77, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 650.