Полагањето на државната матура, кое требаше да почне на 27 мај, станува сè понеизвесно откога вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) најавија дека продолжуваат со штрајкот што го почнаа пред 15-ина дена со барање до надлежните институции за покачување на нивните плати.
Велат дека од Владата добиле понуда од која не се задоволни. Претседателката на Синдикатот на ДИЦ, Емилија Бошковска, вели дека ниту средбата на синдикалните претставници со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, не вродила со плод во однос на нивните барања.
Им била понудена исплата на К15, нешто што, како што рече, им следува со закон, а што досега незаконски им било спречувано да го добијат.
Второто нешто што било понудено, како што појасни, било линеарно покачување на платите, нешто што исто така требало да се случи автоматски и да не биде дел од преговорите.
Решенијата кои ги нудат надлежните, според Бошковска служат само, како што вели, да се смири состојбата.
Таа не одговори конкретно на прашањето дали на 27 мај ќе се полага првиот испит од државната матура, но рече дека штрајкот на вработените во ДИЦ ќе продолжи и натаму, а со тоа во мирување ќе бидат сите процеси што се во надлежност на Државниот испитен центар.
Нагласи дека ова е последното јавно излагање на вработените во Центарот додека трае штрајкот, а наместо од нив, изјави и соопштенија медиумите и јавноста ќе треба да добиваат од надлежните министерства.
Можеби ќе ве интересира: