Општина Велес ќе ги остави велешаните во странство, без можност да ја гледаат овогодинешната Питијада, оти не планира видео стрим на интернет од манифестацијата, која од утре, па до недела ќе се одржува на главната улица во Велес. Иако велешката продукција Live Streaming Production бесплатно ги понуди своите услуги за професионално пренесување во живо на манифестацијата со повеќе камери и на повеќе локации, Општина Велес го одби понуденото спонзорство. Оттаму велат дека добиле две слични понуди, но ги одбиле, со образложение дека стримувањето можело да ја загрози посетеноста на манифестацијата.
Содржината продолжува под рекламата
„Акцент на овој фестивал е промоцијата на велешката пита и виното и нивното афирмирање преку физичко присуство и дегустација на бројните угостителски штандови. Оттука сметаме дека стримувањето на настаните на главната сцена нема да оди во прилог на исполнување на целта, а тоа е привлекување на што повеќе граѓани на Велес и Македонија да излезат и да го посетат Фестивалот на велешката пита и вино „Питијада“, се вели во одговорот потпишан од градоначалникот Марко Колев, а изготвен од неговата шефица на кабинет Александра Андреева.
Содржината продолжува под рекламата
Од Live Streaming Production жалат што Општината пропуштила можност преку стрминиг во живо на интернет, за кој немаше да плати ниту денар, светот да се запознае со Велес и неговата гастрономска традиција, а воедно на иселениците по потекло од Велес им ја ускрати можноста да ги следат случувањата.
Оваа продукција, која во своето портфолио има реализирано видео преноси од многу настани, минатата недела му понуди на организаторот на Питијадата – Општина Велес спонзорство во вид на професионално стримување во живо на интернет на годинешната манифестација. Потегот беше поздравен од многу велешани, кои не беа во можност да присуствуваат на Питијадата.
За разлика од велешката Питијада, трите дена од кавадаречкиот гроздобер, кој се одржа минатиот месец, беа пренесувани во живо преку интернет, па и покрај тоа Општина Кавадарци брои рекордна посетеност.
Можеби ќе ве интересира: