ИРЛ и новинарката Сашка Цветковска осудени за клевета во спорот со Кочо Анѓушев

Граѓанскиот суд ги осуди новинарите на мрежата ИРЛ за документарецот „Заговор против воздухот“ по тужба на поранешниот вицепремер Кочо Анѓушев. Ова беше повторено судење, а на првото, истата судијка донесе ослободителна пресуда, која апелација ја врати на повторно судење.

Содржината продолжува под рекламата

Zito akcija 640x289px

Од Брако велат дека се задоволни со пресудата, која ја сметаат како добра порака испратена од судот, дека новинарството навистина треба да застапува јавен интерес, а не зад тоа да се крие некој друг интерес.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

„Анѓушев и БРАКО го тужеа ИРЛ за емисија објавена на македонската телевизија во која се изнесуваа лажни конструкции без да му се даде простор на Анѓушев и на компанијата да изнесат своја страна и да дадат одговори на јавните неосновани прозивки.

И Анѓушев лично и БРАКО ги негираа наводите и повеќе пати изјавиja дека ИРЛ е во постојан напад врз компаниите и нивниот сопственик, од причини непознати за јавноста.

Особено го осудуваме однесувањето на ИРЛ и на Здружението на новинарите (ЗНМ) кои постојано вршеа притисок врз судот да ги ослободи од одговорност, до степен на јавни закани до судијата, кои се одвиваа дури и денеска, на само неколку часа пред објавување на пресудата. Во судницата судијката беше вербално нападната од присутните ИРЛ и ЗНМ кои предизвикаа нарушување на редот и мирот, поради што во судницата мораше да дојде судското обезбедување, што е срам за една интелектуална фела која работи во јавната сфера.

Потсетуваме дека истата судијка во првата постапка ги ослободи ИРЛ од одговорност, и тогаш судијката не беше напаѓана ниту од ИРЛ, ниту пак од тужителот Анѓушев. Денес судот е напаѓан затоа што првата пресуда падна на Апелација и се спроведе повторено судење со изведување нови искази и докази и овој пат е пресудено против ИРЛ. По изрекувањето на пресудата, ИРЛ денес продолжи да ја демне компанијата. Лица од нивната група се распоредени околу деловната зграда и го фотографираат објектот и вработените.

Ставот на ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО, како фирми во сопственост на Кочо Анѓушев, е дека е лесно под закрилата на изразот ,,јавен интерес” постојано да се напаѓаат приватни фирми, стопанственици, луѓе кои ја прават економијата на една држава и да им се нанесува  штета во нивното работење.

Затоа сметаме дека судот испрати добра порака дека новинарството навистина треба да застапува јавен интерес, а не зад тоа да се крие некој друг интерес.

Ја поздравуваме одлуката на судот, но сметаме и дека други институции во државата, како финансова полиција, инспекциски служби, УЈП и слично, треба да проверат како работат овие групи, дали исплаќаат пари на вработените на рака, односно без да поминат преку даночните системи на контрола на државата, дали повиците за донации се само маска, понатаму да се провери од каде доаѓаат некои суми и за која цел итн. Има многу различни информации во општеството за кои институциите треба да постапат по допрен глас.

Овде, ја осудуваме и злоупотребата на Здружението на новинарите за вршење притисок врз судот од страна на претседателот на ЗНМ, кој ќерката ја вработи во ИРЛ, и во чии активности очигледно има елементи на  конфликт на интереси и трговија со влијание.

Како стопански субјект, ние ќе ја информираме Европската федерација на новинари за случувањата во ЗНМ, како и дека се злоупотребува името и кредибилитетот на Европската федерација, со нејзино доведување во заблуда за случувањата во Македонија, со цел лична корист на поединци во Здружението, кои за таа цел поддржуваат група која поради своите постапки е веќе осудувана за клевети и претходно“, велат од Брако.

Пресудата во случајот Кочо Анѓушев против ИРЛ подоцна пред судот ја коментираше уредничката Сашка Цветковска која рече дека станува збор за скандалозна одлука.

„Одлуката беше скандалозна и судијката која своевремено го заштитуваше Сашо Мијалков сега влезе повторно во заштита на Кочо Анѓушев. Како што и самата ја образложи пресудата: приватното право, правото на бизнисот и на приватниот интерес биле посилни од слободата на говорот. Тоа е сè што има да се каже за оваа скандалозна пресуда. Првата пресуда против Мијалков оваа судијка ја изгуби во Стразбур, колегите од ’Фокус’ го добија случајот, а истата постапка ќе ја тераме и ние“, рече уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска, пред Граѓанскиот суд по објавувањето на пресудата.

Новинарските организации ЗНМ и Синдикатот изразија незадоволство од одлуката со став дека јавниот интерес секогаш треба да биде над се.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: