Вкупно 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи на канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права(ОДИХР) ќе ги набљудуваат претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија на 24 април и на 8 мај, најави на прес-конференција амбасадорката Џилиан Стирк од Канада, која ќе ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
„Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји членки на ОБСЕ. Станува збор за многу разновидна група. Имаме и други експерти кои работат на изборната администрација, правната рамка, политичката средина, кампањата, политичкото финансирање, финансирањето на кампањата и медиумите“, рече Стирк.
Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени низ Северна Македонија од 27 април, во тимови по двајца, во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип. Во Скопје ќе има два тима.
Краткорочните набљудувачи ќе пристигнат пред изборите. Тие ќе ги набљудуваат избирачките места на денот на гласањето и пребројувањето и сумирањето на гласовите.
Во однос на тоа дали е зголемен бројот на набљудувачи и имаат ли сознанија за можни конфликти, Стирк кажа дека бројот на набљудувачи се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите по реализираната посета во јануари годинава.
„Има два вида на избори во ист ден, па не е невообичаено да има голем број на набљудувачи и дека баравме голем број на набљудувачи за двата вида на избори“, рече Стирк.
На мисијата ќе ѝ се приклучат набљудувачи од Парламентарното Собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент за двата избори дена, како и членови на Парламентарно собрание на ОБСЕ кои ќе дојдат за парламентарните избори во мај.
Од наредната недела ОБСЕ/ОДИХР ќе почне да ги набљудува и медиумите.
Во рамите на Мисијата ќе се направи проценка дали изборите се во согласност со заложбите кон ОБСЕ и други меѓународни обврски и со националното законодавство.
Прелиминираен извештај ќе биде објавен на 9 април. Два месеци по изборите, ОБСЕ/ОДИХР ќе излезе со конечен извештај.
Дополнително ќе се анализира дали претходните препораки на ОБСЕ/ОДИХР се имплементирани во измените на Изборниот законик. Работната група за реформи во изборното законодавство го заврши текстот за измените уште на крајот на ноември 2023 година, но Собранието досега не ги усвои.
Измените се однесуваат на препораките дадени од сите претходни избори, а клучните се за финансирањето на политичките партии, платеното рекламирање, регулирањето на порталите во однос на нивната регистрација – најмалку една година пред изборите, потоа да се формира едукативен центар во Државната изборна комисија (ДИК) и измени околу Управниот суд за заштита на избирачкото право.
Ова се 22 избори во Северна Македонија што ОБСЕ/ОДИХР ќе ги набљудува. Последните избори што ги набљудуваше беа локалните избори во 2021 година, за кои ОБСЕ/ОДИХР имаше акредитирано 217 набљудувачи.
„Локалните изборите беа конкурентни, а основните слободи беа главно почитувани, но бројните недостатоци во правната рамка ја нагласуваат потребата за сеопфатна реформа. Водечките парламентарни партии имаат системски предности, особено во распределбата на јавните ресурси за кампања, вклучително и во медиумите“, објави ОБСЕ/ОДИХР во прелиминарниот извештај за локалните избори во Северна Македонија во 2021 година.
На предвремени парламентарни избори во 2020, поради пандемијата, форматот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР беше специјална мисија за проценка на изборите, составена од девет члена.
Претседателски избори во 2019 година, ОБСЕ/ОДИХР ги набљудуваше со 195 краткорочни набљудувачи.
Претседателот на Собранието Јован Митрески на 14 февруари ги распиша претседателските и парламентарните избори. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Можеби ќе ве интересира: