„Голем скандал е на повидок. Се потврдува дека лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ на 05.12.2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести“, велат од СДСМ.
„Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува.
Предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ. Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа 3 опозициски и 1 од власта.
ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести а креираат и лажни вести преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали.
Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните а немаат врска со реалноста. Но исто така потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ.
Пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти се истите методи на Никола Груевски сега ги спроведува Христијан Мицкоски.
Ништо не се менува во ДПМНЕ. За овој скандал мора да има одговорност“, соопшти СДСМ.
Новинарот Фуркан Салиу од Порталикс доцна синоќа објави видео во кое приложи документ од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Во документот насловен како Оперативен план има се наведени одговорни лица за ширење лажни вести, а планот изработен кон крајот на 2023 година предвидува креирање на емисија два пати неделно за анализа на анкети на ИПИС на Владимир Божиновски.
Од ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантираат информациите за наводни лажни анкети објавени на МРТВ. Според партијата, „не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДСМ“.
Според партијата на Христијан Мицкоски, потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните.
„Иако видовме дека за СДС е нормално да го погрешат презимето на нивниот лидер Ковачевски веројатно разумно и логично е ВМРО-ДПМНЕ да си ги препознава луѓето и потписите од својата партија, нешто што не е случај и во посочениот и измислен документ, што само кажува кој е изворот на веста.
Сметаме дека изворот на ваквите информации се од кујната на СДС кои очајнички прибегнуваат кон дезинформации, фалсификуваат документи соочени со претстојниот пораз. На времето правеа бугарски летоци, сега измислуваат документи. За парите дадени на Асаф Исеин можеле да бидат барем малку покреативни во измислувањето, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Во последните неколку месеци, МТВ постојано објавуваше анкети со рејтингот на партиите и политичарите во пресрет на изборите.
Можеби ќе ве интересира: