Реклама

Китанов: „Цуцка“ ќе биде санирана во август, два месеци пред рокот (ВИДЕО+ФОТО)

Санацијата на свлечиштето наречено Цуцка, на јужниот влез на Велес ќе заврши пред планираниот термин, најавија директорот на Јавното претпријатие за државните патишта (ЈПДП), Зоран Китанов и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кои задно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски, денеска направија увид на градежните работи.

Zito akcija 640x289px

„Направен е потпорен ѕид со нова греда, со широк обем и голема должина, за да се сопре целиот одлив кон пругата, бидејќи многу често беше загрозуван железничкиот сообраќај. Сите вдлабнатини од пропаднатиот дел од патот, на кој беше уништен дури и тампонот, е саниран. На ред доаѓа делот на „кавење“, кое го прават оние симпатични момчиња, што некои ги викаат и алпинисти, кои работат преку специјализирана фирма од Хрватска. Качени на овие косини горе, тие рачно ги соборуваат сите карпи што се во нестабилна состојба. Кога ќе се заврши тоа, ќе се почне со ставање на шипови во карпите, ставање заштитни мрежи, нивно бетонирање, за да се запре и одронувањето, но и продорот на водата во карпите, која е најголем штетник за овие работи. На крајот, ќе се асфалтира коловозната лента. Според тендерот, сето ова треба да заврши во октомври, но во разговор со изведувачите, а и според тоа што го гледаме на терен, мислам дека во август ова ќе биде завршено“, рече директорот на ЈПДП Зоран Китанов.

Agria

Санацијата на ова свлечиште ја финансира државата со околу еден милион евра. Министерот Сугарески рече дека безбедноста на граѓаните и непреченото одвивање на сообраќајот е врвен приоритет на министерството.

„Градиме патишта, но и се трудиме да реагираме секаде каде што има потреба за санација, како што е оваа. Ова е сериозно свлечиште и затоа неговата трајна санација чини околу еден милион евра“, рече министерот Сугарески.

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски смета дека критиките кон него, но и кон државата од страна на граѓаните околу санацијата на „Цуцка“ биле неоправдани.

„Има една народна поговорка која вели: „Ако е забавено, да не е заборавено. Ова се многу сериозни градежни зафати и за нив треба време. Се радувам што санацијата ќе заврши пред предвидениот рок“, рече градоначалникот Коцевски.

Запрашан зошто државата чекаше две години да почне санацијата, директорот на државни патишта Китанов рече дека ваквите санации не дозволуваат импровизации.

„Можеби јавноста беше огорчена од доцнењето, но и јас бев огорчен зошто ова 20 години не е направено. А ние за две години го направивме. А ако некој ја брифира јавноста тенденциозно и ѝ кажува дека ова може утре сабајле да се почне со два багера и да се заврши, вие новинарите сте тие што треба да кажете дека за ова треба проект. Во оваа држава имаме примери на избрзани проекти, како автопатот Кичево – Охрид и Штип – Миладиновци и вие сте сведоци кој е резултатот на избрзаните проекти“, рече Китанов.

Големиот одрон на „Цуцка“ се случи во март 2018 година. Тогаш, за малку беше избегната голема трагедија, кога неколку секунди пред одронот, на оваа делница поминаа автобус и неколку автомобили.

Погледнете ги изјавите на министерот Сугарески, директорот Китанов и градоначалникот Коцевски.