Реклама

Македонија бира претседател на седмите претседателски избори, во игра се седум кандидати

makedonsko zname

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати.

Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи. Бројот на избирачките места во земјата за претседателските избори годинава изнесува 3.480, додека за гласање во странство беа предвидени 31 избирачки места во дипломатско-конзуларните претставништва.

Zito akcija 640x289px
Agria

Вчера на овие 31 гласачки места во дипломатско конзуларни претставништва во странство, 2.569 гласачи кои се пријавиле и чии пријави биле прифатени од Државната изборна комисија имаа можност да го остварат своето гласачко право.

Државната изборна комисија досега издаде акредитации за набљудување на 915 домашни, 628 странски и меѓународни набљудувачи и 38 странски новинари.

Претседателските избори беа распишани на 14 февруари 2024 година, кога претседателот на Собранието, Јован Митрески, во согласност со уставните и законските обврски, го потпиша Решението за распишување на избор за претседател на Република Северна Македонија.

Кампањата за претседателските избори во 2024 година започна на полноќ, на 4 април.

Првиот круг од претседателските избори се одржува денеска, со што евентуалниот втор изборен круг ќе се одржи на 8 мај 2024 година, истовремено со одржувањето на редовните парламентарни избори.

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати. Право да се биде избран има секој македонски државјанин кој на денот на изборите има наполнето 40 години и е жител на државата најмалку десет во последните 15 години. Кандидат за претседател можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

Изборот на Претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50% + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.

Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40% од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполнил двата услови, целата изборна постапка се повторува.

Со стапување на функција претседателот добива низа функции и ексклузивни права. Тој го наследува мандатот да ја претставува Републиката дома и во странство, е врховен командант на вооружените сили, го доделува мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија, ги поставува и отповикува амбасадорите и пратениците во странство, ги прима акредитивите на странските дипломатски претставници во земјава, предлага двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Републичкиот судски совет, тројца членови на Советот за безбедност и именува и разрешува други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и законите.

Дополнително, претседателот доделува одликувања и признанија, дава помилување во согласност со закон и врши други функции што се утврдени со Уставот.

Функцијата Претседател на Републиката е неспојлива со друга јавна, политичка или професионална функција. Претседателот ужива имунитет во вршењето на својата функција, но доколку го прекрши Уставот и законите за тоа мора да одговара. Постапката за утврдување на ваква одговорност ја покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на Претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Moжеби ќе ве интересира: