Четворица пратеници од Велес, ниту еден од СДСМ

Четворица Велешани ќе го претставуваат градот во новиот состав на парламентот, кој треба да се конституира до крајот на месецов. Сепак, само половина од нив се избрани во Изборната единица 3, каде што Велес и припаѓа. Тројца од нив се од ВМРО ДПМНЕ, а еден од Левица.

Текстот продолжува под рекламата

Zito akcija 640x289px

Досегашниот пратеник и претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Велес Игор Здравковски, како четврти на листата на коалицијата која ја предводи неговата партија, се избори за уште еден пратенички мандат. Од истата листа пратеник стана и Александар Јамалов, кој се наоѓаше на 11 позиција, откако по изборите во средата, од оваа листа пратенички места добија 14 кандидати.

Текстот продолжува под рекламата

Agria

Велес доби уште еден пратеник во името на Љупчо Пренџов, кој на претходните избори беше избран како член на ГРОМ, но откако лидерот на оваа партија Стевче Јакимовски пред две години ја прекина соработката со ВМРО ДПМНЕ, Пренџов премина во редовите на партијата која убедливо победи на последните парламентарни избори. Сепак, Пренџов и вториот мандат го доби како кандидат од ИЕ1.

Уште еден велешанец доби втор мандат, но во првата изборна единица. Како носител на листата на Левица, лидерот на оваа партија Димитар Апасиев по втор пат ќе биде пратеник во Собранието.

По изборниот дебакл и историски најлошиот резултат по број на гласови на СДСМ, велешкиот огранок на оваа партија за прв пат во независна Македонија ќе нема свој пратеник. Кандидатот на СДСМ од Велес Зоран Арсовски беше на седмата позиција, но со освоени 33.605 гласови во целата изборна единица, довчерашната владеачка партија во тројката освои само четири мандати.

На последните парламентарни избори се случи и најголемата разлика помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во Велес од речиси 10.000 гласови, откако за ВМРО ДПМНЕ гласот го дадоа 14.376 велешани, а за СДСМ гласаа 4.474 граѓани. Споредбено со локалните избори во 2021 година и гласањето за Советот на општината, ВМРО ДПМНЕ го зголемила своето салдо за 3.640 гласови, а СДСМ го намалила за 2.797 гласови. Зголемување на гласовите забележа и Левица, која на локалните во 2021 година имаше 3.113 гласови, а на последните парламентарни во Велес освои 3.938 гласови и му се приближи на СДСМ на само 536 гласови.

Од другите партии, во Велес преку 1.000 гласови освоија уште и Движењето ЗНАМ кое има 1.077 гласови и Европскиот фронт предводен од ДУИ со 1.055 гласови.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: