СДСМ денеска, 30 јули, на вонредни внатрепартиски избори ќе избира нов претседател на партијата. Гласањето ќе се одвива на 77 избирачки места ширум земјава, а правото на глас ќе можат да го остварат околу 23.377 акредитирани партиски членови.
Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, откако поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, вчера, на еден ден пред изборите ја повлече кандидатурата.
Петровска ги повика останатите тројца кандидати да се откажат од внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи, како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.
Во предизборната кампања што ја водеа четворицата кандидати, најавија реформи во партијата и обединување на членството.
Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).
Бројот на членови кои се пријавиле за гласањето денеска е далеку помал од првите и вторите непосредни избори за лидер на СДСМ, кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа.
За некој од тројцата кандидати да биде избран за лидер ќе треба да освои 50 отсто плус еден глас од оние членови што ќе излезат да гласаат. Ако тоа не се случи, двајцата со најмногу гласови, ќе се соочат во втор круг на 7 јули.
Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би добил четиригодишен мандат.
Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Зоран Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.
За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.
Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.
Можеби ќе ве интересира: